Историчари: без собраниска резолуција и црвени линии кон Бугарија, нема заштита на јазикот, идентитетот и историјата

Без национален консензус поставен на сигурни позиции од кои Македонија нема да отстапи, е невозможно да се оди на преговори со Бугарија. Цивилизациски преседан е некому да му забранувате да се нарекува како сака, вели за Алфа историчарот Тодор Чепреганов во однос на бугарското вето.

Академик Катица Ќулафкова во разговор за Алфа вели дека, многу одамна требаше да биде донесена резолуција со која ќе бидат поставени црвените линии. За Македонија е важно да постигне национален консензус во однос на јазикот, идентитетот, историјата и останатите области, што ќе значи и нивна заштита.

И додека македонската власт не гледа потреба од национално обединување околу клучните македонски прашаља, бугарската страна не губи време. Овој пат прегу првиот дипломат Светлан Стоев повторно ја оживува опцијата за одвојување на Македонија од Албанија во интеграциите доколку земјава не ја прифати Декларацијата на бугарското собрание , но истовремено најавува и без разлика на привремената влада бугарското вето нема да биде тргнато без македонски гаранции.

„Разликата е во дијалогот којшто се обидуваме да го водиме на исклучително конструктивна основа и во насока на давање неопходни гаранции за негово продолжување кога ќе има нов парламент и политичка влада. Но, поинакво е активното објаснување на нашата позиција пред европските партнери, нешто што недостасуваше до овој момент. Сега има слух. Ако порано имаше повеќе критики отколку разбирање, во моментов земјите членки го слушаат тоа што го кажува Бугарија“, изјавил Стоев.

А токму бугарското МНР непосредно по средбата на премиерот Заев и владината делегација со бугарските челници испорача документ од пет точки со кои ја обврзуваат Македонија да потврди пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, чиј дел се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија. По примерот на Грција со Преспанскиот Договор и Бугарија бара Македонија да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија.

Едно од барањата на бугарската страна е и менувањето на учебниците, оти како што стои во сооптението само така можела да се рефлектира заедничката историја а која што влева омраза кон Бугарија.Последно на листата барања на бугарското МНР е отстранување на таблите и натписите низ Македонија кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите, односно не само учебниците, туку и да бидат тргнатио сите споменици кои сведочат за влијанието на Бугарија на нашата територија. На сите овие ултиматуми македонската влада само млако одговори оти остануваме посветени на добрососедските односи.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста