Истекува рокот за приговори, парите од државната помош тешко дека ќе се префрлат пред празниците

Самохраните родители, филмските работници и естрадните уметници се уште ги нема на листата за добивање на државна помош од 6.000 денари. Луѓето со недоволни приходи веќе една недела се обидуваат да добијат информации за тоа, но попусто. Листите за нив, како што е наведено, дополнително ќе бидат објавени. На веб страницата „Купувам домашно“ активирана е можноста граѓаните да проверат дали ги исполнуваат условите од четвртиот пакет владини мерки за справување со последиците од Ковид 19.

Граѓаните кои ги нема на листите, а сметаат дека ги исполнуваат условите, можат да поднесат приговор на веб страницата најдоцна до денеска, на кој треба да им биде одговорено во рок од неколку дена.

Економистите велат граѓаните да бидат трпеливи. Оваа мерка ќе помогнела само на краток рок, но биле потребни повеќе мерки за добробит на граѓаните.

Иако првично беше одредено дека средствата ќе треба да се потрошат до 25 декември, од Министерството за економија соопштија дека рок за искористување на парите ќе нема. Се проценува дека со мерката за која се издвоени 27 милиони евра, ќе биде обезбедена помош за околу 300.000 граѓани за пазарење домашни производи.

Инаку, 6.000 денари треба да добијат пензионерите со месечни примања до 15.000 денари, пасивните баратели на работа, млади од 16 до 29 години кои беа изоставени со претходната мерка, самохрани родители, деца без родители, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, естрадни уметници, филмски работници.  

Од македонската банкарска асоцијација рекоа дека ја завршиле обврската да потпишат договори со Владата и дека се подготвени да почнат со исплата веднаш откако ќе ги обработат податоците и парите легнат на сметките. Ќе се плаќа само со картичка и не е дозволено со парите да се плаќа во кеш.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста