Истече рокот за поднесување кандидатури за локалните избори

Истече рокот за поднесување кандидатури за локалните избори. Партиите и независните кандидати и официјално ги поднесоа кандидатурите за градоначалници и советници за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври. Пријавите одат до општинските изборни комисии, по што треба да бидат разгледани дали се прифатливи или треба да се исправат евентуални неправилности.

Потврдата на кандидатите ДИК треба да направи за неколку дена, а на 18 септември ќе се направи и ждрепката за редоследот на избирачкото ливче. Иако најголемите партии веќе ги објавија имињата со кои настапуваат на изборите, најголем дел од учесниците на изборите чекаа 5 до 12 за тоа да го сторат.  

Во однос на изборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски очекува фер кампања, и верува дека граѓаните ќе ги препознаат квалитетните проекти кои ќе ја поразат власт, зашто народот сака надеж и иднина за сите.

  • Она кое што мислам дека треба да го слушнат и видат од нас граѓаните е достоинствена борба без напади, без ниски страсти, една политичка кампања во која што треба да го понудиме нашиот поглед кон иднината, проектите кои што им ги нудиме на граѓаните во општините каде што ги гласаат советниците и градоначалниците. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе водиме исклучително позитивна кампања бидејќи сме свесни за две работи. Првата е дека чувството, перцепцијата на граѓаните дека во Македонија немало никогаш полоша влада од оваа што е сега и ако ние кажеме дека владата е навистина лоша нема да кажеме нешто ново, чувството кај граѓаните е такво. И второ навистина граѓаните се заморени од црни сценарија, граѓаните сакаат да видат надеж, визија, да видат иднина. Сето тоа кое што досега во оваа владина коалиција не може да го видат. Така што ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди надеж, визија и ќе понуди иднина на овие избори, изјави Мицкоски.

Тој смета дека ваквиот опозициски блок ќе нанесе огромен удар на владиниот блок за кој вели дека има определена функционална дисипација, затоа што неколку коалициони партнери на владата настапуваат самостојно на локалните избори.

Граѓаните пак, поучени од минатото, речиси и воопшто не и веруваат на локалната власт. Дел од нив се надеваат дека ќе биде подобро.

Претходно, кандидатура како независен кандидат, објави претседателката на Сојузот на Стопански комори, Данела Арсовска, по што таа ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. Таа порача дека доаѓа ново време за метрополата.

  • Се кандидирам за градоначалник на нашето Скопје како независен кандидат, кој знаете дека може подобро. И ве повикувам сите заедно да се посветиме, Скопје да прерасне во современа европска метропола. Барам поддршка од сите вас, чесни личности, на кои им е доста од се досега, да победиме заедно да создадеме современ град, центар на културата на спортот, град на солидарноста, на соживотот, за младите кои градат иднина, за луѓето кои сакаат сигурност и стабилност, порачува Арсовска.

И актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов бара уште еден, нов мандат. Ветува дека ќе го направел градот поубав.

Во изборната трка за главниот град, се вклучија личности од јавниот живот, кои, во првиот круг, секако ќе „украдат“ дел од гласовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Конкуренција ќе им биде пејачот Бени Шаќири, кандидатот на ДОМ и на ЛДП, независна кандидатка Ана Петровска, како и музичарот Петар Георгиевски – Камиказа. Своја кандидатура најави и лидерот на „Твоја партија“ Александар Тортевски.

Во меѓувреме течат останатите изборни дејствија. Заврши увидот на Избрачкиот список, во кој проверка направиле речиси 15.000 избирачи. Инаку, кампањата почнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ. Локалните избори ќе се одржуваат со почитување на мерките за превенција од ширење на пандемијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста