Исчезнува условот Албанец премиер: ДУИ подготвени за преговори со ВМРО-ДПМНЕ, чекаат покана од СДСМ

Условот за Албанец премиер исчезнува, ДУИ подготвени да преговараат и со ВМРО-ДПМНЕ за состав на новата македонска Влада. Вака може да се оценат пораките кои преку косовската телевизија Т7, ги испрати високиот партиски функционер на Интегративците Бујар Османи. Тој вели очекуваат покана од СДСМ за преговори за ново владино мнозинство, но не исклучува можна коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ. За само 10-тина сосем се промени и реториката на ДУИ, околу уценувањето за Албанец премиер, таквата порака сега станала симболична.

-Една од паролите на кампањата беше Зошто да не, така што Зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат, вели Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од граѓаните добиле легитимитет за состав на Владата. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во гостување во „Што не е јасно“ на Алфа вели дека во моментов нема ништо конкретно околу преговорите, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да состави Влада, но не по секоја цена.

-Повеќе е сега на одмерување на силите би се рекло, нема нешто конкретно кое што би можел да го истакнам, барем до овој момент досега. Не знам до утре што ќе се случува, барем до овој момент. И мислам дека по конституирањето на Собранието би се отпочнале тие процеси на создавање на новото парламентарно мнозинство, вели Мицкоски

Околу преговорите за состав на новата Влада, се уште молк од СДСМ. Лидерот на партијата барем официјално се уште одмара, а очигледно истото важи и за другите партиски функционери, кои немаат одржано прес конференција веќе една недела, односно од 24 јули, кога последен пат во прес салата на партијата се појави Фатмир Битиќи. Од СДСМ само преку соопштение порачаа дека тие сигурно ќе биле дел од новата Влада.

Матеја Петровски