ИРИ: Катастрофална е довербата на граѓаните во образовниот систем во Македонија

Високи 67 проценти од македонските граѓани дале лоша оценка за квалитетот на образовниот процес за време на корона пандемијата, покажува најновата анкета на ИРИ. 23 отсто од испитаниците одговориле дека образовниот процес за време на кризата воопшто не се променил, а само 8 отсто сметаат дека наставата во време на пандемија се подобрила.

Ставот на мнозинството граѓани, искажан во анкетата е спротивен на оној на министерката Мила Царовска. Таа на крајот на учебната година се пофали дека наставата и покрај пандемијата била квалитетна, а учебната година завршила успешно.

Во однос на довербата која граѓаните ја имаат кон образовните институции, 46 проценти од граѓаните одговориле дека не им веруваат. 20 отсто одговориле дека воопшто не им веруваат, а 26 проценти рекле дека делумно не им веруваат. Од друга страна 43 отсто од испитаниците одговориле дека делумно веруваат во образовните институции, а само 7 процнети дека довербата е целосна.

Во однос на образовниот процес, најслаба доверба тој има во Општина Гостивар. Таму 20 проценти од жителите одговориле дека најголем проблем со кој се соочуваат е токму образованието. Исто толкав процент, како број еден проблем во општината го посочиле здравството.

Катастрофална е довербата на граѓаните во просперитетот на земјата и можностите кои им ги нуди на младите луѓе. На прашањето дали денешната генерација на млади луѓе има иднина во вашата земја, близу 80 проценти од испитаниците одговориле негативно, што е за два процентни поени повеќе од минатата година. Само 16 отсто од анкетираните сметаат дека младите ќе имаат иднина во Македонија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста