ИПСОС: ВМРО-ДПМНЕ со двојна предност пред СДСМ, Мицкоски политичар со најголема доверба

Ако утре се одржат парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со огромна разлика. Најголема доверба ужива Христијан Мицкоски, додека пак рејтингот Ковачевски го надмина Заев, иако заедно го делат днотот на анекатата, покажуваат резултатите на теренското истражување на ИПСОС.

Според анкетата која е спроведена од втори до 15 март годинава врз 1.007 испитаници, највисок рејтинг од политичарите ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со 9 проценти, веднаш по него е претседателот Стево Пендаровски со 6 отсто, трет е премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со 4 отсто, па следува лидерот на Левица, Димитар Апасиев со 3 отсто, Али Ахмети, исто така со 3 отсто, Зијадин Села со 2 отсто и Зоран Заев со 2 отсто.

На прашањето, за кој би гласале доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори, значајни 18.2 отсто од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, скоро двојно помалку, односно 9.5 отсто рекле дека ќе гласаат за СДСМ, 4.1 отсто за ДУИ, 4 отсто за Левица, 3.5 отсто за Алијанса за Албанците, 1.2 отсто за Беса, 0.7 отсто за Алтернатива, 0.4 отсто за ДПА, 0.2 отсто за ЛДП, 1.2 отсто за други политички партии, а 16.5 отсто од испитаниците биле неодлучни, додека пак 15.8 отсто одбиле да одговорат и 24.6 отсто се изјасниле дека нема да гласаат.

Дел од испитувањето на јавното мислење биле и прашања во врска со бугарското вето и барањето Бугарите да се вклучат во Уставот. Така, на прашањето „со која од следниве изјави најмногу се согласувате“, биле добиени следните одговори:
20 проценти од испитаниците одговориле дека се согласуваат Македонија безусловно да ги вклучи Бугарите во Уставот ако Бугарија писмено гарантира дека ќе го тргне ветото и дека земјава ќе почне преговори со ЕУ.

Според анкетата, 39 отсто од испитаниците рекле дека Македонија треба да бара реципроцитет од Бугарија, 10 проценти се изјасниле дека Македонија треба безусловно да ги вклучи Бугарите во Уставот и покрај тоа што Бугарија не гарантира почеток на преговори со ЕУ, а 31 отсто одговориле дека не знаат кое решение е најпаметно.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста