Инвеститорот на зградите спроти „Холидеј Ин“ на чекор до градежна дозвола

Се поизвесно е дека проектот наспроти „Холидеј Ин“ ќе се гради.  Инвеститорите го поднеле барањето за градежна дозвола за првата кула кај „Холидеј ин”. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ потврди дека во електронскиот систем е поднесено барање од инвеститорите. Богдановиќ тврди дека рацете му се врзани, бидејќи ако ја потпише суспензијата на проектот општината ќе треба да плати оштета, во висина на едногодишен буџет на општина центар. Нема законска можност да се спречи потпишувањето вели Богдановиќ.  

„Барањето сѐ уште не е потпишано, односно не е правосилно. Секој има право да поднесе барање бидејќи на сила не е мораториумот”, рече Богдановиќ.

Седницата на Советот на Општина Центар на која треба да се донесе одлука за суспендирањето на проектот сеуште не е закажана. Вчера се расправаше на оваа тема но заврши без резултат. Градоначалникот Богдановиќ не знае ни кога ќе се закаже. Вели не одлучувал сам за тоа.

Носење нов план не зависи само од општината. Во ставот 9 од последниот Закон за урбанистичко планирање е наведено дека штетата ја сноси тој што ја донесува одлуката за суспензија, односно Советот на Општина Центар. Треба да знаат жителите на Општина Центар дека доколку дојде до таква одлука од страна на Советот, од нивниот буџет ќе треба да се исплатат штетите – изјави за медиумите Богдановиќ и потсети дека веќе има судски пресуди за исти вакви постапки каде што државата платила огромни суми.

Во меѓувреме продолжува и потпишувањето на онлајн петицијата од граѓани кои се против подигањето на три високатници во центарот на Скопје. Бројот на потпишани се доближува до 10 илјади.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста