Инвазија од комарци во Скопје, граѓаните побудалени

Комарците ги полудеа скопјани. Нема ни парк, ни улица каде нема да ве искасаат буквално секаде овие инсекти во рок од само неколку минути. Граѓаните зовреа. Велат ај што на вречер не можат глава да кренат од комарци кои буквално го преплавија Скопје, сега и преку ден е „истата песна“.

Да сум искрен ова е и преку ден, еве баш сега ме касна комарец, цело време ги има, а на вечер да не зборувам, тоа е нешто страшно, мислам кај и да седнеме, посебно ние со деца, решето не прават. Ни прскаат, ни ништо. Ова што наводно се прска, најверојатно ги хранат со нешто, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Граѓаните се жалат и дека не може да седат надвор навечер, особено кога заладува и се дише. Тоа е неподносливо особено во парк, покрај вода или места кои се опкружени со зеленило. Велат, се мачкаат и прскаат со препарати против убоди од инсекти, но бадијала.

Се мачкаме да, редовно, но ништо не помага. Ова е катастрофа. Ни во парк, ни надвор, секаде ги има, мора одма да се направи нешто, зашто ова е неподносливо веќе, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Граѓаните се чудат како дојде до ваква наездата на комарци, кога локалната власт велеше дека се прска. Од Градот тврдат дека годинава биле извршени 4 авионски и 4 земјени прскања.

Авионската дезинсекција на подрачјето на Скопје, против возрасни форми на комарци требаше да се реализира уште изминатиот викенд (сабота) и (недела), во раните утрински часови. Зошто тоа не се случи за сега не се знае.

Од Градот сега најавуваат вонредно копнено прскање за во вторник. Авионското не можело да се реализира поради влагата која ќе придонела за поголемо размножување на инсектите.

Дезинсекцијата Градот Скопје ја спроведува според сите светски и европски стандарди, а средството кое што се користи е од најдобриот светски препарат, производство на Бајер – Германија, а прскањето и растварањето на средството се врши согласно упатството на производителот, а под надзор на комуналните служби на градот, велат од Град Скопје.

Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни.

Борис Грујоски

Поврзани вести