Интервју со проф. д-р Атанас Козарев: Во новиот безбедносен свет важна алка ќе биде корпоративната безбедност

Во интервју за Puls24, професорот Козарев зборува за корпоративната безбедност, нејзиното значење, како и уделот во безбедноста генерално.

Во продолжение прочитајте го целото интервју.

Професоре Козарев, вие сте еден од основачите на една респектибилна асоцијација која е фокусирана на концептот за корпоративната безбедност, термин кој се почесто се изговара во безбедносните науки, може ли да ни го објасните тој поим?

Атанас Козарев : Корпоративната безбедност со сигурност ќе биде една од најважните алки во системот на националната безбедност и кај нас и во светот. Јас како професор, а  и како претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност имам мотив и одговорност да го развивам овој за нас нов сегмент од безбедноста, бидејќи во развиените држави овој концепт е сериозно имплементиран и претставува дел од иднината економската безбедност на деловното работење. Она што е суштината во креирањето на овој вид на безбедност е да ги запознаеме институциите, корпорациите и студентите и сите општествени чинители за конкретните придобивки наспроти новите хибридни закани и ризици за безбедноста. Корпоративната безбедност се дефинира како дел од системот на националната безбедност, некаде како потсистем кој пред се занимава со нудење на човечки или интелектуални капацитети, или  програми и стратегии, ресурси и протоколи кои ќе ја зајакнат безбедноста на критичната инфраструктура во една институција или корпорација. Во западните држави се почесто државните институции инвестираат во организации кои се занимаваат со корпоративна безбедност. Денеска, безбедноста е многу скапа, но е многу важна. Причини за тоа постојат повеќе: имено, во актуелинот момент заканите за безбедноста, а во тој контекст и за деловниот свет не се исти како пред 5, 10 или 15 години. Напротив,  тие се се повеќе софистицирани, комплексни, хибридни и динамично модуларни. Сведоци сме како еден вирус ги исфрли од употреба сите модерни вооружувања кои гарантираа безбедност на една држава. Националната безбедност, хуманата безбедност, а во тој контекст и корпоративната безбедност имаат потреба од други безбедносни одговори и решенија, освен оние традиционалните. Критичната инфраструктура на најмоќните економски оператори, гиганти, корпорации и конгломерати користи ресурси кои ги нуди корпоративната безбедност на пример, во делот на сајбер безбедноста, дигиталната заштита, физичката заштита, модерниот видеомониторинг и сл. Во борбата против современите безбедносни ризици и закани, меѓу кои посебно место има и задравствената закана како што е Ковид-19, посебна улога имаат  инструментите и механизмите на корпоративната безбедност. Затоа со сигурност можам да ви кажам дека корпоративната безбедност во иднина ќе завзема се позначајно место во новата безбедносна стратегија во светот.

Јавноста имаше можност да го проследи еден од најважните безбедносни самити Adria Security Summit, и тој се одржа на 18-19.09.2019 година во Скопје и од страна на организаторот бевте наградени со плакета за посебен придонес во развојот на корпоративниот сектор за безбедност во Република Северна Македонија. Кои се вашите импресии од овој настан?

Атанас Козарев: Самитот за безбедност од 2019 година овозможи на едно место да учествуваат над 350 домашни и странски компании кои работат во областа на приватното обезбедување, со посебен акцент на одредени фокуси кои имаат допирни точки со корпоративната безбедност. За прв пат во нашата држава, компаниите имаа можност да остварат непосреден контакт со претставници на безбедносни компании од цел свет (меѓу нив беа водечките глобални производители од Security 50 листата, како и реномирани регионални фирми) и да ги добијат потребните одговори во правец како да ги подобрат своите капацитети (на пример, интегрирани безбедносни решенија,   видеонадзор, контрола на пристапот, физичка заштита, против провални кражби, известување за пожар, механичка и cyber сигурност, како и управување со објекти, интернет предмети и паметни домови. Според мене, овој самит овозможи да се подигне свеста како кај припадниците на приватниот и пред се корпоративниот сектор за безбедност, така и кај корисниците на нивните услуги. Секако дека добиената награда на самитот за мене претставува поттик да продолжам теоретски и практично да придонесувам за развојот на оваа дејност во нашата држава и пошироко.

Развојот на концептот за корпоративна безбедност во нашата држава се поврзува со основањето на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје. Како се создаде идејата за оваа ваша активност?

Атанас Козарев: Во текот на 2016 година Српската асоцијација на менаџери за корпоративна безбедност ја организираше Меѓународната стручна конференција во рамките на која беа презентирани искуства и примери на добра практика кои го потенцираа значењето на воспоставувањето на системот на корпоративна безбедност во јавните и привантите компании и други институции. Претседателот на оваа асоцијација, почитуваниот проф. д-р Драган Триван ја иницираше идејата за развој на развој на корпоративната сигурност и кај нас, заедно со партнерите од Словенија, Хрватска и други држави од регионот. На тој начин, еден тим од ентузијасти се вклучи во промоцијата на концпетот за корпоративна безбедност во нашата држава и нашите активности добиваат на интензитет. На добар пат сме прво да ја објасниме потребата од корпоративна безбедност, а потоа стратешки да ја развиваме. Тоа ќе го правиме преку разни иницијативи, семинари и работилници. Во втора фаза ќе креираме јавна политика или потреба од ваков вид на безбедност кој ќе биде дел од системот за национална безбедност. Потоа, се надевам следува фаза каде институциите пред се државните, а потоа и агенциите за обезбедување ќе ја разберат неминовноста дека доаѓа време каде што ќе мора да се аплицира механизмот на корпоративната безбедност ако сакаме да ги следиме модерните текови во САД и ЕУ.

Доделување специјална награда од претседателот на Српската асоцијација на менаџери за корпоративна безбедност, проф. д-р Драган Триван, Белград, 2016 година
Доделување специјална награда од претседателот на Српската асоцијација на менаџери за корпоративна безбедност, проф. д-р Драган Триван, Белград, 2016 година

Во декември 2018 година е основана Регионална асоцијација на меџери за сигурност во Југоисточна Европа. Кој е вашиот придонес за создавањето SEECSA?

Атанас Козарев : Безбедносниот пазар во Југоисточна Европа е збогатен со уште една стручна организација, која прв пат ги надминува националните граници на нашите земји и дејствува на ниво на цел регион. Станува збор за Регионална асоцијација на  здруженијата на менаџери за корпоративна безбедност во Југоисточна Европа (Southeast Europe Corporate Security Association) со изразено синергиско дејствување. Целта на SEECSA, е да им овозможи на менаџерите за безбедност да се усовршуваат преку интерната Business Security академија. Од 2020 година, претседателството со SEECSA го превзема Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, со што ќе се отворат можности за поуспешно користење на европските фондови и проектна насоченост во целина.

Кои се идните планови на Асоцијацијата за корпоративна безбедност која вие ја предводите?

Атанас Козарев: Јас и мојот тим влегуваме во стратешката фаза кон развојот на концептот за корпоративна безбедност.  Потребата од овој вид на безбедност е веќе очигледна и неминовна, тука немам дилеми. Корона кризата која ја потресе глобалната бебедност ја наметна потребата само да се забрзаат потребните безбедносни реформи во светот. Ние како држава и земја членка на НАТО, мораме и треба да ги следиме новите безбедносни протоколи. Традиционалните закани по безбедноста на државите, граѓаните и економската и енергетската инфраструктура се минато. Сега следи период на редифинирање на заканите кои се подинамични, непознати, и секако, многу комплесни. Пандемијата покажа дека војските и тешкото вооружување не помага против вакви закани, туку за вакви закани се потребни протоколи и нови модели. Тука ние се вклопуваме како концепт. Еден од одговорите кон заштита на критичната инфраструктура и економската инфраструктура е токму корпоративната безбедност. Дефинитивно стануваме стратешки сојузник со државата и институциите и стануваме важен дел од системот за националната безбедност. Но, она што сега е клучно и што е поврзано со идните планови на Асоцијацијата е да ја наметнеме потребата од итни реформи во образовниот сектор кој мора што поскоро да биде збогатен со нови програми и студии кои ќе нудат кадар што ќе ги изучува дигиталната форензика, дигиталната безбедност и корпоративната безбедност. Она што е моја мисија и визија, е јас и мојот тим да направиме програми, планови за соработка со иминентни универзитети, факултети и институти кои веднаш ќе почнат да инвестираат во човечки и материјален потенцијал. Притоа, важно е што ќе инсистираме кон владините тела да ја следат или да ја помагаат оваа стратегија или нов вид на безбедност. Сите зборат за нов постпандемиски свет, за нов економски свет или нов еколошки/енергетски свет. Јас зборувам за нов безбедносен свет кој ќе конзумира корпоративни безбедносни политики. Ќе продолжиме проактивно да работиме со клучните корпорации кај нас и сериозните компании за приватно обезбедување, бидејќи тие сега за сега се најважната алка во корпоратативната безбедност и преку обуки и програми ќе ги зајакнеме капацитетите на агенциите. Следи динамично време, а ние како асоцијација ќе понудиме динамични одговори. Спремни сме за предизвиците, а од вас како медиуми очекуваме поддршка.

Извор: https://puls24.mk/интервју-со-проф-д-р-атанас-козарев-во/

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста