Интерпелацијата за Гаши прва точка на седницата на 3 септември, уставните измени ќе почекаат
Уставните измени за внесување на бугарското малцинство, што се пречка на патот кон Европската Унија ќе почекаат. Нема да се брза со решенија кои задираат во македонскиот национален идентите, а една од опциите е тие да почнат да важат откако ќе влеземе во ЕУ. Предлогот за уставни измени со одложено дејство, што веќе е консолидиран став во владината коалиција, е прифатлив и за претседателот на Собранието Африм Гаши кој рече дека додека се чека во Бугарија да се формира стабилна политичка влада, се разгледуваат различни решенија за одблокирање на евроинтеграциите кои ќе бидат прифатливи за трите страни – Македонија, Бугарија и ЕУ.
– Што се однесува на решавањето на почетокот на тој процес тоа зависи од политичките структури, не само на нашата држава. Тоа е мултилатерално прашање. Во моментот кога ќе имаме на повидок решение се надевам набрзо ќе почне процедурата како што е предвидено со закон и со Устав и како што е предвидено со процедурата во ова Собрание, рече Гаши.
На првиот брифинг со новинарите откако е избран за собраниски спикер, Гаши увери дека ќе биде транспарентен и отворен со сите. Показател, вели е, тоа што ја ставил како прва точка на дневен ред неговата интерпелација, по која пратениците ќе расправаат на 3 септември.
Барањето за интерпелација на Гаши е поради молитвата во Собранието на седницата за Сребреница, случајот на аеродромот и косовската претседателка Вјоса Османи и тоа што замина на свадба во Косово со службено возило и обезбедување. Гаши не смета дека ги прекршил законите, и во трите случаи вели дека постапил совесно и одговорно.
– Поднесена е интерпелацијата. Веднаш на првата седница ја ставивме, тоа ќе биде прва точка. Мене ми е мило што ќе се расправа и ќе и се објаснат на јавноста наводите што се поднесени во таа интерпелација. Се што е во рамки на Деловникот и во рамки на демократичноста во Собранието, го почитувам, било тоа да се однесува на институцијата претседател на Собранието или на било кого. Ќе бидеме отворени кон секоја иницијатива, ќе го почитуваме Деловникот и се надевам дека на 3 септември ќе има соочување на аргументи и потоа пленумот ќе одлучи. Како ќе одлучат тие, така ќе постапиме. Верувам дека мнозинството ќе ја донесе најправедната одлука. Таа каква и да биде, ќе ја почитувам, рече Гаши.
– Од морален аспект, јас лично и обезбедувањето во Собранието на аеродоромот избегнавме инцидент којшто можеше да има поголеми последици. Се радувам дека се заврши како што треба. Тие луѓе кои ги пречекориле своите овластувања, МВР ќе постапи како што е законот. Секогаш кога ќе треба да се зближува, да се смирува ситуацијата, ќе настапувам за доброто на граѓаните, да нема конфликти, инциденти и поголеми последици, рече Гаши во изјава за медумите по средбата со новинарите.
Додека се крчка новиот план за работа на Собранието по одморите, од септември Гаши очекува да има најмалку по три или четири пленарни седници во месецот. Секој понеделник е резервиран за координација со пратеничките групи а секој петок ќе биде отворен ден за граѓаните кои пратениците ќе треба да ги сослушаат и да изнајдат решение за некој проблем со кој се соочуваат.