Интерпелацијата на Димиторв неделава ќе стигне во Собранието

Интерпелацијата на Димитров најверојатно оваа недела ќе биде поднесена во Собранието, а потоа спикерот Џафери треба да му ја испрати на вицепремиерот и во рок од 15 дена Димитров треба да ги напише своите образложенија зошто смета дека не е одговорен за неуспехот на Македонија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека одговорност мора да има, а прв чекор е токму интерпелација.

Димитров пак се јави со реакција, собраниската процедура за барање негова одговорност била директен напад кон државата и закана.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски вели интерпелацијата не е закана туку демократска процедура.

Споредувањето на еден министер со државата и прозивките за интерпелација да ги споредува дека е напад врз државата е голем политички егоизам кој веројатно соодејствува на карактерот на министерот. Димитров носи одговорност за неуспешното и лажно прославување на датуми, за на крајот да видиме дека цела држава е во разочарување од блокадите и понижувањата, вели Милошоски за Алфа.

Од опозицијата му замеруваат на Димитров и што не се одзива на поканите во комисиите во законодавниот дом.

Навистина многу е нејасно човек да се повикува на европски стандарди и демократска контрола на власта, да биде министер и да бега од собранието, како тоа што го прават Османи и Димитров, вели Милошоски.

По најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за интерпелација најпрво на Димитров, потоа и на Владата, вицепремиерот преку фејсбук статус кажа дека ова било очаен обид на опозицијата за раскол во владата.

Мери Ѓорѓиевска