ИНТЕРМЕДИЈАЛЕН ГЕОПОЛИТИЧКИ ПРОСТОР

ИНТЕРМЕДИЈАЛЕН ГЕОПОЛИТИЧКИ ПРОСТОР

Веќе нема сомнеж дека во Македонија секој образуван и мислечки човек го разбира поимот геополитика. За жал, на момент ги заборавивме историските лекции од Беласица во 1014 година, сведоштвата за поделбата во 1913 година и сцените од 1948 година па затоа, како генерација поминавме најнов курс по геополитика. И плаќаме висока цена.

Кога јасно ќе се предупреди дека постојат индиции одредени поранешни функционери
со помош на голем капитал етнички да ја дестабилизират земјата нормално е сериозно да се замисли секој што ја разбира геополитиката. Нам во овие услови на живеење од голема важност ни е да ги разбираме комплетно сите геополитички процеси и понуди.

Затоа покрај оние како на Хантингтон и Дугин кои се препознатливи потребно е да направиме преглед и на други концепти. Еден од тие концепти е таканаречен Интермедијален (Средишен) од Димитри Кицикис професор во Отава, Канада. Без амбиции да го објасниме ова обемно оргинално животно дело но, критички да го прегледаме овој фонд на идеи.

Интермедијалниот регион со центар во Константинопол, денешен Истанбул се протега од Јадранското Море на запад, до руската земја на североисток, на југ го вклучува познатиот Ориент, Левант и дел од северот на Африка. Тоа се историските граници на иста територија на: Персиското Царство, Македонското Царство, Римското Царство, Византија и Отоманското Царство. И ние живееме во границите на таа наша заедничка цивилизација 2,5 милениуми. Новите граници ни се
стари само сто години со тенденција да ги избришеме.

Од источна страна на интермедијалниот простор се наоѓа Нов Ориент. Тој сега се лоцира на Далечниот Исток – Кина, Индокина и Индија. Од западна страна се појавува Нов Оцидент кој реферира на славниот Лондон, САД, Канада, Австралија. Според предложениот систем, завршува цивилизациската војна зад која се крие империјализмот на Западот. Започнува процес на подолготраен мир гарантиран од повеќе мултиполарни центри.

Нема судир на цивилизациите. Напротив, на границите на две цивилизации наместо судир има вечен мир. Да објасниме сликовито. Не можете да освоите село за да го ограбите, ако немате што да ограбите, ако тие заробени предмети во вашата цивилизација не се никому потребни, немаат цена, ниту се некому значајни. Судирите помеѓу цивилизациите настануваат единствено со интриги.

Секако, постои динамика на војни и судири, но тие се само политички иницирани, центар –периферија, заради превласт над регион кој е во рамките на една иста цивилизација. Русија и арапскиот свет на пример, цело време се обидуваат да го освојат Истанбул.

Ставовите во ова главно теоретска геополитичка алтернатива базират на идејата наречена хеленотуркизам, односно изнаоѓање на сврзните точки на Турците и Грците. Наспроти актуелните судири и напнатост. Истанбул како средиште на новата турско – грчка федерација.

Во новите услови, Грција и Турција треба да си одат по своите стари мостови на пријателството. На тој начин тие полесно ќе се позиционираат во новиот мултиполарен свет. Во овие редови словените на Балканот се пријатели на Русија, додека Арапите протежират свој центар. Бугарите и србите се дел од Руска група, а особено незадоволителен за жал е ставот кон Македонската нација.

Главен носител на сите овие процеси очигледно се федералистите на Балканот, борци против границите. Мора да потенцираме дека од една страна поголемиот број на Балкански федералисти ја прифаќат идејата за Македонска нација, а од друга страна најголемиот дел од борците во Македонија ги делат идеите за федерации, конфедерации и обединувања на Балканот по секакви основи.

Но, дури и во овој претежно теоретски модел каде Хантингтон и Дугин остануват меѓу редовите, нашата Македонска нација нема свое светло. Практична понуда како алтернатива во геополитичка смисла неодамна прозвучи во апелот на Претседателот Виктор Орбан кон Полска. Да го смени курсот на политиката кон обединување и водство на средна и јужна Европа во борбата со одредени антиевропски и антицивилизациски процеси.

Значи, многу е сложено да се определи соодветен јасен концепт дури и во преглед на алтернативни и интересни предлози. Според тоа голема е веројатноста однадвор да се прават обиди за дестабилизација на земјата особено кога од внатре одредени структури се добро инсталирани и нахранети. Но, загрижува македонската политичка опција која за свои интереси редовно не умее да го препознае моментот, веројатно поради преценување на прагот на толеранција на Македонската нација.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста