Интензивирањето на изградбата на автопатиштата од Градско до грчката граница, ќе го препороди бизнисот во Пелагонискиот регион

Интензивирањето на изградбата на автопатиштата од Градско до грчката граница, ќе го препороди бизнисот во Пелагонискиот регион

Успорен или никаков развој, губење на странски деловни партнери, инвестиции и пазари, отежнат транспорт, работење со загуби. Многу од компаниите кои сме сместени во срцето на Пелагонија, децениското отсуството на адекватна патна инфраструктура, со години го плаќаме прескапо, констатира градежниот стопанственик од Прилеп, Гордан Бошкоски. Оттука, конечната изградба на автопатиштата од Градско, па се’ до грчката граница, ќе значи и своевиден препород за целокупниот бизнис во овој регион, вели тој.

Пелагонискиот регион беше буквално „слепо црево“ за инвеститорите. Сме имале случаи кога одредени добавувачи кои ги носат од странски компании, да ни речат – „јас немам на полош пат поминато со шлепер во поширокиот дел на Европа“…Кога ќе имате автопат, кога ќе имате таква работа, тогаш дефинитивно, ќе доаѓаат и странски компании како инвеститори заради тоа што е многу лесно поврзувањето со пристаништето во Солун…Значи, тука е крвотокот на бизнисот. Без современи патишта нема развој на економијата, дефинитивно е тоа“, – дециден е Гордан Бошкоски, градежен стопанственик од Прилеп.

  Од друга страна, Пелагонискиот регион, со години е и втор по големина во придонесот на формирањето на БДП во Македонија со скоро 12 насто, а во исто време пак, е со најмал процент на застапеност на „сивата“ економија. Ова, според Бошкоски е и причина повеќе, оваа Влада посериозно да се посвети на развојот на овој регион, бидејќи, како што вели, негативните рефлексии и врз тековното работење, и врз реалниот развој, сега им се огромни.

  „Фирмите и компаниите кои што работат во овој регион, транспарентно си ја обавуваат работата. Работат законски и.т.н., додека тоа не е случај со некои делови од Македонија…Компании кои што се јавуваат, а се подложни да работат и буквално „на црно“, ни претставуваат нелојална конкуренција“, – категоричен е Бошкоски.

   Инвестицискиот „бум“ во овој дел од земјата, особено во патната инфраструктура, неодамна го најави и ресорниот министер и вице-премиер, Александар Николоски. Тој рече дека до Нова година ќе биде пуштена првата делница до Дреново од Експресниот пат Градско –Прилеп, до март – Дреново-Фариш, а за три години да биде готов и автопатот Прилеп-Битола. А тука е и изградбата на битолската Обиколница, како и на Експресен пат до Граничниот премин „Меџитлија“.

Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста