Институциите молчат за скандалот со „ТЕ-ТО“, „Топлификација“ си го бара долгот од 33 милиони евра

Скандалот со скопската централа ТЕ ТО за кој во јавноста се шпекулира дека преставува криминална спрега меѓу бизнисот, власта и судството, повторно се актуелизира. За штетата која му е нанесена на државниот буџет но и на македонското стопанство, денеска алармираа дел од акционерите во Топлификација. Прашуваат како е можно фирма која остварила годишен профит од 120 милиони евра да добие субвенции за подмирување на обврските кон државата? И зошто милионската сума се доделува во време кога финансиската полиција истражува криминал во електраната?

„Тоа е прв пат во историјата кога Финансиска полиција поднесува кривична пријава за штета направена на приватна фирма, во случајот АД Топлификација. Финансиска полиција поднесува и кривична пријава за перење на пари од 150 милиони евра“, вели директорот на Топлификација, Димитар Хаџи – Мишев.

Според него, планот за реорганизација донесен со лажниот стечај зад кој се крие компанијата, предвидува таа да работи без долгови, но „ТЕ ТО“ и натаму било на листата на должници во УЈП.

„Добивме покана да се видиме со УЈП. Добивме една корисна информација дека одлуката за доделување на помош на Комисијата за заштита на конкуренција, до денеска не е објавена во службен весник, што значи дека е ништовна“, додава тој.

Топлификација, како оштетена страна, за случајот ги алармирала и ДКСК и одделот за финансиски криминал во УЈП. Пријавата која ја поднеле во обвинителството, велат повеќе од една година талка низ судовите.

Поднесовме кривична пријава уште во мај 2018. До овој момент седум пати се селеше од ОЈО во ОЈО за организиран криминал и назад“, вели Хаџи Мишев.

Акционерите бараат итно стопирање на стечајната постапка за „Топлификација“, повлекување на државната помош за „ТЕ ТО“ и конечна разрешница за предметот за криминал кој го иницирала Финансиската полиција.

Инаку, со незаконскиот стечај на „ТЕ ТО“, на електраната и беа отпишани долгови од над 150 милиони евра, од кои 40 милиони евра биле кон домашни фирми. Со ова акционерите на Топлификација биле оштетени за 33 милиони евра. Во регистерот на УЈП, пак, електраната е задолжена со дополнителни 20 милиони евра.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста