Институциите минимално ја подобриле транспарентноста

Активната транспарентност на сите 98 вклучени институции (министерствата, Владата и општините) за 2020 година изнесува 58,2 % (од максимално можни 100 %) и според градацијата на нивоата, спаѓа во ’просечна‘ активна транспарентност. Активната транспарентност во 2020 година е подобрена само за минимални 2,2 процентни поени во однос на лани, кога изнесуваше 56 %. Ова стои во најновата анализа на Центарот за граѓански комуникации кој го објави рангирањето на институциите според Индексот на активна транспарентност.

Кај министерствата, по три години континуиран пораст, во 2020 година се забележува стагнација и дури и мало намалување на активната транспарентност. Таа годинава изнесува 77,1 %, за разлика од ланските 77,6 %.

Сепак, активната транспарентност на министерствата сè уште е значително подобра од онаа на општините, која изнесува 54,5 % и по неколкугодишното намалување бележи пораст втора година по ред.

За првпат во последните пет години откако се изработува овој индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата. Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана (97,9 %), следено дури од осум општини, меѓу кои прва е Велес (94,4 %)

Во однос на регионите, нема промена од лани. На прво место е Источниот Регион (68,3 %), додека на последно останува Скопскиот Регион (44,4 %).

И натаму најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 42 %, а општините само 36% од информациите што треба да ги објавуваат.

На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 24 дена (лани за 21 ден), а министерствата за 26 дена (лани за 34 дена), иако максималниот законски рок е 20 дена. Во овој рок одговорија само 40 % од институциите, додека останатите 60 % го прекршиле законот.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста