Институциите глуви за еколошката катастрофа што му се заканува на Коњари

Револт низ селата долж течението на реката Пчиња. Жителите се незадоволни бидејќи повеќе од една деценија компанија концесионер почнала да црпи песок од реката, да ги сече околните дрвја и да ја уништува околината. Се обратиле до сите надлежни институции, но без успех. Концесионерот се богати, додека тие мака мачат да се снајдат со вода за пиење. Уништено е и земјоделското земјиште. Велат ако државата ги одзела концесиите во Лабуништа, можела истото да го стори и кај нив. Најавуваат протести ако надлежните не им помогнат.

Еколошка катастрофа им се заканува на жителите на скопско Средно Коњари и на околните села долж течението на реката Пчиња. Изместено речно корито, ридови песок и земја се слика која секојдневно може да се види на ова место.

Мештаните се гневни бидејќи немаат питка вода. Поради големи ископи реката им ја загадува водата за пиење, бунарот е пресушен, па тие се принудени да се снаоѓаат.

Засега нема одговор од надлежнoто министерство за животна средина дали концесионерот ги исполнува пропишаните услови и дали бил предмет на инспекција.

„Денеска концесионерот кој ископува песок од реката не работеше овде. Мештаните велат дека механизацијата се повлекла откако компанијата слушнала дека овде ќе снимаат тв екипи“

Инаку овој крај со години беше познат по недопрената природа и важеше за атрактивна пикник локација. Голем дел од населението се издржува од земјоделство.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста