Институциите “глуви” за барањата на прилепското хуманитарно Здружение “Надеж за сите”?!

Некои поучени од личните судбини, но сите водени од хуманоста, на почетокот од годинава, се здружиле за да им помагаат на другите. И за седум месеци им помогнале на многумина, но сега и ним им треба помош. И тоа институционална. Вака, начелно изгледа состојбата во која моментно се наоѓаат четирите членки од хуманитарното Здружение “Надеж за сите” кои од своето здружување досега, помогнале на преку 400 социјално загрозени семејства. А започнале со пет. Ама сега, велат не можат повеќе успешно да одговораат на барањата, бидејќи особено после Короната, бројот на луѓето кои имаат потреба од нивната помош, десеткратно се зголемил. Итно им е потребен соодветен ХАСАП-магацински простор, службен автомобил, како и барем минимални средства за да можат да продолжат да функционираат. За таа цел, уште пред три месеци се обратиле до прилепската ЛС, од каде им било ветено дека ќе потпишат Меморандум за соработка. Но, до денес, велат ништо од ветеното.

  • „Многу е тешко, зашто работиме само со помошта од граѓаните, многу малку фирми ни излегуваат во пресрет. Имавме и барање да се соединиме со други здруженија, како што е Банката за храна – „Еуро хуман“ од Скопје, но имаме услов – да имаме магацински простор за да ја складираме сета таа храна, а ние го немаме. Од никаде немаме помош“ – вели претседателката на Здружението, Билјана Глигорова.

Овие храбри жени на кои работниот ден им трае 24 часа, досега сите трошоци си ги покриваат самите. Своите домови ги претвориле во магацини, а со приватните автомобили ја разнесуваат и помошта која, исто така самите ја прибираат. Побарале помош и од сите пратениците, па дури и од Претседателот на државава. Но, од секаде, освен ветувања, друго ништо не добиле.

  • „Се уште еве чекаме и оттаму помош. Сите ни ветуваат, ама едноставно никого нема“, посочува Глигорова
  • „Значи, страшно е. Затоа имаме и апел до институциите, барем да излезат, а можат да излезат, и да ни помогнат околу тоа снабдување со храна“, вели Васе Благадуша од „Надеж за сите“.

Кога и дали мислат да им помогнат на овие хуманитарки, одговор побаравме од ПР- от на прилепскиот градоначалник, од каде кратко ни одговорија дека во текот на идната недела ќе сме биделе известени.

Инаку, “Надеж за сите” е истото Здружение кое на родителите на 11-годишниот Матеј кој боледува од церебрална парализа, а за кого Алфа веќе пишуваше, им помогна да соберат финансиски средства за Матеј да биде опериран во соседна Србија.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста