Инспекторите не казнуваат врз основа на видеа од социјалните мрежи, за полицијата тоа е доказ

Угостителскиот објект каде што новиот градоначалник на Штип си ја прославуваше изборната победа не доби казна. Првиот човек на Државниот пазарен инспекторат вели инспекторите можат да казнуваат само ако затекнат прекршување на протоколите на лице место. Не можеле да пишувале казни од фотографии и видеа кои се споделуваат по социјалните мрежи. Не им дозволувал законот,  тврди Пауновски. 

„Ако дозволи Владата и ако направи закон да можеме врз основа на слики и видеа снимки да казнуваме ние сме тука. Меѓутоа надлежноста на државниот пазарен инспекторат е да самиот воочи и  затекне она што значи нарушување на законите и законските прописи. Во тој дел инспекторите коишто биле задолжени за Штип немаат затекнато таква работа, тогаш беше до 9 часот, а во 9 веќе било се затворено. Веднаш кога почна по социјалните мрежи, ги пуштивме инспекторите дошле на лице место меѓутоа објектите биле затворени. Значи нашата надлежност е она што ќе фатиме на лице место. Такви се законите и такви се законските прописи, и така мораме да постапуваме. Во спротивно  ќе се соочиме со адвокати да се расправаме и ред други работи“-тврди Пауноски.

По завршувањето на изборите во Штип, социјалните мрежи беа преплавени од фотографии и видеа како членови на владејачката партија ги прекршуваат протоколите на здравствените власти славејќи ја победата на нивниот кандидат за градоначалник. Славењето започна во затворена просторија, па продолжи и со симболично оро внатре во салата, на кое се фатија Сашко Николов, премиерот Зоран Заев, министерот Благој Бочварски и вицепремиерот Љупчо Николовски. Славење имаше и во центарот на градот, каде за новиот градоначалник засвири и труба, а подоцна, функционери на СДСМ продолжија со забавата во локален објект. Според фотографиите на социјалните мрежи кои сами ги објавуваа се гледа дека се славело  и по 21часот. 

За разлика од она што го зборува Пауновски, деновиве бевме сведоци на нешто сосема друго. Видеа и фотографии од социјалните мрежи  беа повод,  возачот на Бентлито да добие казна од 45 евра. Врз основа на видео споделено на друштвените мрежи за возењето на тротоар беше одземено и возило.

Во пресрет на празниците остануваат на сила препораките за забрана за групирање на повеќе од четири лица. Полицијата најави дека  ќе влегува во домовите и викендичките и ќе пишува пријави. Министерот Спасовски ја објави и бесплатната телефонска линија каде ќе може да се пријавува  непочитување на протоколите.

Ова ги разлути граѓаните. На социјалните мрежи бројни реакции дека ваквите линии за кодошење ги потсетуваат на едно друго време. Се уште не се знае како ќе влегува полицијата во домовите,  ако нема налог од судот или пак судовите ќе штанцаат налози без доволни индиции?

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста