Инфлацијата го „изеде“ јавниот долг: Иако поголем за 35 милиони евра, помал како процент од БДП
Зошто Владата се фали со намален јавен долг кога всушност се задолжила повеќе? Откако вчера министерот за финансии Фатмир Бесими не пропушти да истакне дека јавниот долг бил скратен од 60,8% од крајот на 2021-ва на 57,1% заклучно со март, реагираа аналитичарите. Велат Владата ништо не намалила со одговорно работење и штедење. Објаснуваат дека причина за тоа е инфлацијата, која го „изела“ долгот. Едноставно, парите вредат помалку. Се должи исто ,ако не и повеќе во апсолутна вредност, но јавниот долг како процент од БДП е значително помал.
Првиот финансиер Фатмир Бесими, пак, вчера по повод 100 дена од новата Влада ги пофали останатите министри дека биле одговорни во трошењето на парите. Токму ваквиот пристап, според него, резултирал со понизок јавен долг.
На интернет страницата на министерството за финансии вчера осамнаа новите податоци за јавен долг од 57,1% или 7 милијарди и 170 милиони евра на крајот на март што е 35 милиони евра повеќе за само три месеци. Државниот долг, пак процентуално е намален од 51,8 на 48,7% од БДП, иако во вкупна вредност е зголемен за 33 милиони евра.
Бесими вчера повторно не кажа дали Владата ќе се задолжи кај Меѓународниот монетарен фонд. Во игра се 900 милиони евра, а монетарците до 3-ти мај ќе ја скенираат македонската економија. Аналитичарите веќе предупредија дека Владата не треба да ги троши овие пари за нови покачувања на плати и пензии, туку исклучиво за рефинансирање на стари долгови и покривање на веќе планираниот буџетски дефицит.
Тања Попова