Индекс на корупција – Македонија во друштво на Суринам, Танзанија и Колумбија

Македонија во борбата со корупцијата се наоѓа на 87 место од 180 рангирани држави, со 39 од можни 100 поени, што е раст од 4 поени и скок од 24 места во однос на минатата година, покажува најновиот извештај за перцепција на корупцијата на „Транспаренси Интернешнл“.Сепак земјата останува под глобалниот просек од 43 поени, заедно со две третини од сите рангирани држави.

Македонија овогодинешното 87-мо место го дели со Косово, Колумбија, Етиопија, Гвајана, Мароко, Суринам, Танзанија и Виетнам. Слаѓана Тасева рече дека земјава имала благо подобрување на корупцијата, но тоа било далеку од добро, па затоа треба уште да работи за надминување на долгогодишниот проблем.  

  • Имаме подобрување, но тоа не значи дека е многу добро бидејќи сеуште сме пониско од каде што бевме во 2015 година – 66 место и под половината од 50 поени, изјави Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интеренешел Македонија“ на презентацијата на извештајот.

Првото место на Индексот за перцепција на корупцијата го делат Данска, Финска и Нов Зеланд со по 88 поени, а на 180 место е Јужен Судан со 11 поени.

  • Она што посебно се забележува, според анализите на ТИ се однесува на подобрување на човековите права, а посебно во Косово и во Република Северна Македонија. Начинот на кој се спроведени последните избори, начинот на кој се одвиваат процесите на реформа, судските постапки кои се водени за случаи на висока корупција и работењето на независните институции, што во нашата ситуација тоа е Државната космисија за спречување на корупцијата, но исто така, се бележат и активностите кои што се преземени од страна на Владата, која што, ги направи и Акцискиот план за борба против корупцијата, изјави Тасева.

Од земјите од регионот најдобро рангирана е Словенија, која се наоѓа на 41 место со 57 поени и пад од 6 места во однос на 2020, кога била на 35 позиција. Потоа следи Грција, која е на 58 место, што е раст од едно место во однос на 2020.

Хрватска е непроменета на 63 место исто како и минатата година. Следна е Црна Гора, која е на 64 место и раст од три позиции во однос на 2020, потоа Бугарија, која е на 78 место, што е пад од девет места наспроти растот од 2020 година.

Соседна Србија е на 96 место, но со пад од две места во однос на 2020, па Албанија на 110 место, што е пад од 7 места во однос на лани. На дното е Босна и Херцеговина, која е на 110 место на овогодинешниот Индекс за перцепција на корупцијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста