Инцидент: Двајца приведени по закани кон докторка во ГОБ „8-ми септември“

Инцидент се случил попладнево во Градската општа болница 8- ми септември, но за среќа нема повредени.
6 членови на семејство на почината пациентка од Ковид-19 кренале врева и упатиле закани кон докторка во Ковид-центарот, бидејќи сакале да го земат телото на нивна блиска роднина која починала од КОВИД 19.

Надлежните во болницата им кажале дека протоколите за обдукција предвидуваат чекање од два часа и потоа со погребно возило телото да биде префрлено на скопска патологија.

Роднините се побуниле и почнале да и се закануваат на докторката која работела таму.

Директорот на болницата , Христијан Костов, за АЛФА рече дека тој не би го нарекол случајот инцидент, бидејќи медицинскиот персонал често се соочува со вакви изливи на емоции и вознемиреност од страна на членовите на семејствата.

Рече дека имало одредено групирање и поради тоа обезбедувањето на болницата решило да викне полиција која веднаш пристигнала.

Од 8-ми септември велат дека не е реткост да имаат вакви случаи, но дека мора да се почитуваат протоколите за пренос на телото на починат пациент, како не би заболеле други лица кои се во контакт со него.

И покрај тоа што излегоа информации на неколку медиуми дека лицата биле вооружени, од МВР го демантираа тоа. Го потврдија инцидентот и соопштија дека биле пратени поголеми тимови да интервенираат. Притоа се приведени две лица во Полициската станица Гази Баба за натамошно постапување. Со нив работи Единицата за насилен криминал. Против приведените ќе се поднесат соодветни пријави. Со повеќе детали МВР ќе излезе во текот на утрешниот ден.

Инаку по полициската интервенција, роднините ги потпишале протоколите и телото е префрлено на патологија. Болницата се уште е под полициски надзор.

Се работи за 60- годишна пациентка од албанската етничка заедница која починала откако неколку дена била приклучена на механичка вентилација во болницата 8-ми септември.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста