Има, па нема – граѓаните во трка по зејтин, брашно и шеќер

Ланец на познати супермаркети е казнет за нечесна трговија.  Во три од нивните маркети била најдена залиха на масло за јадење во магацините која намерно не била изложена на рафтовите.  Кај истиот трговец е забележано и условување на едни производи со купување на други или друг начин на условување, информираа од Државниот пазарен инспекторат. Најголем дел од извршените контроли биле направени откако граѓаните се пожалиле дека нема масло, брашно и леб. 

Кај еден субјект имаме прекршочни платни налози за нечесно пазарно однесување – имаше масло во магацин, а не на рафт. Има и прекршочни платни налози каде по Закон за заштита на потрошувачи кој се однесува на условување на купување на едни производи или други производи, што е казниво. Казната е 4.000 евра за правното и 1.200 евра за одговорното лице.  Пазарните инспектори започнаа и со контрола на производителите на масло за јадење. Само од еден производител каде е завршена контролата е утврдено дека има залиха за три месеци на рафинирано масло, изјави Анета Симеска Димоска- Директор на Државен пазарен инспекторат

Од Инспекторатот велат дека најмногу поплаки од граѓаните од повеќе градови добиле дека нема масло. Скопјани велат дека има кусок од основните продукти во одредени продавници. Велат дека поскапувањето на производите се забележува секојдневно

Од ДПИ информираа и дека нивните инспектори од минатиот викенд до денеска пронашле 41 прекршок по основ на Законот за трговија во околу 200 надзори. Најавија дека продолжуваат контролите, посебно во делот дали се почитува одлуката за намалување на трговската маржа.

Инаку, од денес лебот, брашното „тип 400“ , млекото, шеќерот, сончогледовото масло, месото и останати основни производи се продаваат без ДДВ.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста