Има ли криминал тежок 100.000 евра во постапката за топол оброк за основците во општина Аеродром?

Излегува ли на виделина криминал тежок 100.000 евра во постапката за топол оброк за основците во општина Аеродром? Како што пишува „НетПрес“, по неуспешниот тендер распишан во декември лани, спротивно од критериумите во новата постапка, во еден ден е завршена целата процедура и е избран најповолен понудувач.

Имено, на 24 јануари е добиена согласност за спроведување на постапка без јавен оглас и истиот ден е донесена одлука за нова набавка, изготвена е тендерска документација, записник од понудите, Комисијата за јавни набавки извршила евалуација и е склучен договор со избраната фирма.

Како што пишува „НетПрес“, иако во тендерската докуменатција е потенцирана итноста на постапката, сепак скратените рокови и експедитивното решавање за тендер вреден 6 милиони денари или 100.000 евра, упатува на сомнежи и покрај тоа што набавката е во интерес на децата во сите осум основни училишта во Општина Аеродром.

Спротивно на утврдената тендерска документација, рокот за достава на понудите е 27 јануари, но и покрај тоа изборот е донесен три дена порано, поточно на 24 јануари, иако во документите е наведено дека понудите не смеат да се отвораат пред наведениот краен рок за нивно доставување. Со ова нема можност за пријавување на други фирми.

Симптоматичен е и делот каде и покрај што договорниот орган како услов за добивање на тендерот ја прецизира и месечната цена по ученик, која не смее да биде повисока од 2.000 денари, една од двете фирми кои учествувале нуди повисока цена. Според „НетПрес“, нејасно е зошто самата фирма би се дисквалификувала од старт и тоа во конкуренција од само два понудувачи? Имено, фирмата „Атриум ДИ-МИЛ“ дава понуда од 2.065 денари со ДДВ, а експресно го добива тендерот „Далма Фоод и Кетеринг“, која доставила понуда од 1.999 денари со ДДВ. Всушност само со некој денар помалку од цената која договорниот орган бара да не се надмине.

И двете компании понудувачи, потоа, имаат потпишано изјава дека се откажуваат од правото на жалба во врска со изборот на најповолен понудувач, поради „крајна итност“.

На сето ова избраната фирма од денеска нема да доставува храна за децата чии родители не го потпишале договорот за исхрана. Објаснувањето е дека фирмата за овие неколку дена претрпела загуба бидејќи топол оброк доставувала за сите деца кои претходно се хранеле во училиштата, а за дел од нив родителите се уште не ги потпишале новите договори.

Второто полугодие во осумте основни училишта во скопската општина Аеродром почна без топол оброк за учениците во одделенската настава, на што тие бурно реагираа.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста