Илјадници македонски државјани заглавени низ светот поради хаосот создаден од ДУИ и СДСМ
Задоцнет февруарски поход. Турнејата на Османи, во која ги вклучи и Маричиќ и Џафери за делење пасоши и фотографирањето по дипломатско конзуларните претсавништва не го решава проблемот. Судбината на 650 илјади македонски граѓани без пасоши ја живее и цела македонска дијаспора .
Македонски граѓани од цел свет за Алфа сведочат за хаосот со издавањето документи со „северна”. Велат дека имаат проблми со неажурноста на конзуларните претставништва и никако не можат да закажат за вадење нов пасош.
Телефоните само ѕвонат, но нема кој да крене слушалка. Меилови пишуваме, но одговор не добиваме, велат Македонци од Швајцарија.
- „Порано се чекало до 4 недели, сега и два месеци. Мислам дека има дојдено многу пасоши и други документи, но немаат време они да ги одвојат и да им се јават или смс-порака да им напишат на тие што треба да ги добијат. Значи се работи од 8 ипол до 6-7 па и до покасно..“ вели Ердоган Етонски – МНС, Швајцарија.
Македонското здружение од Берлин се закани и со тужби кон државата Македонија доколку нема брзо издавање на патни исправи. Од рокот кој им го дадоа на македонските власти преостануваат само уште четири дена, а писмото го испратија и до претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен и Олаф Шолц – германскиот канцелар.
Во Италија масло на силно разгорениот оган додаде и амбасадорот Мемеди кој на своја рака испратил допис со италијанските власти дека пасошите со „Република Македонија“ повеќе не се важечки, иако тоа не е негова наделжност. Со тоа остави заглавени околу 100.000 Македонци кои што живеат и работат во Италија и не можат да се вратат дома.
Македонците во прекуокеанските држави и претходно алармирале, но сепак потешкотиите со издавање патни исправи и по неколку месеци се уште не се решени.
- „Дијаспората до последен момент не беше известена конкретно што се случува и што ќе се случува. Тоа го видовме пред недела ипол до две пред 12-ти февруари. Ние алармиравме многу порано дека тоа ќе се соочиме со ова уште кога се донесе предлог законот за целата работа. Но, се чини дека дијаспората во целата работа на некој начин занемарена, за нивните проблематики а не може да се занемари ниту фактот дека доколку не се овозможи нормален проток на македонските граѓани во Македонија тоа ќе влијае на целиот БДП на државата“ вели Гордан Јорданов – директор на „Обединетата македонска дијаспора“ Вашингтон, САД.
За Македонците, пак во Њу Џерси, невозможна мисија е да дојдат до одговорните лица бидејќи во Конзулатот не креваат на телефон повеќе од два месеци.
- „Сега да, има проблеми, има многу иселеници кои се жалат со години наназад, кои се жалат дека не можат да дојдат до нов пасош поради истекување или друга причина, но истовремено сега поради новото името и неважноста на пасошите многу лица се заглавени во иселеништвото“ вели Ана Дукоска – Македонка во Њу Џерси.
Дијаспората од Австралија тврди дека соработката со македонските конзулати е прекината уште пред шест години, а сега и не знаат дали воошто функционера конзулатот во Мелбурн. Се жалат дека надлежните не покажуваат никаков интерес за македонските граѓани кои живеат илјадници километри од дома.