Илјадници Авганистанци кои пристигнаа во САД не можат да ги добијат потребните документи

Илјадници Авганистанци кои изминативе недели пристигнаа во Соединетите Држави се соочуваат со проблеми, не можат да ги добијат потребните документи, а со тоа и да почнат да го средуваат својот нов живот.

Биби Сара Кемал успеала да се качи во овој преполн авион и така да пристигне во Соединетите Држави.

Сакам да продолжам со моето образование. Сакам да работам. Сакам да имам свој живот. На пример, сакам да имам мој автомобилизјави Биби Сара Кемал, бегалка од Авганистан.

Но, повеќе од три недели таа не може да направи ништо од ова.

Сега е сместена кај роднини. Кога слетала била однесена во прифатен центар покрај аеродромот Дулес во близина на Вашингтон. Добила две годишна условна дозвола за престој, но не статус на бегалец.

Условната дозвола овозможува да се влезе во САД на определено време поради специјални околности.

Биби Сара Кемал вели дека со неа не може ниту да бара работа ниту да се запише на некој колеџ.

Кога дојдов овде ми кажаа дека нема да може да продолжам со образованието или да се вработам. Тоа е многу разочарувачки – изјави Биби Сара Кемал, бегалка од Авганистан.

Сепак, тоа не е така. Според прописите со овој документ може да се побара дозвола за работа или да се аплицира на универзитет, но многумина не го знаат тоа.

Ендру Артур од Центарот за проучување на имиграција објаснува дека бегалците не се доволно информирани, дека целиот процес е хаотичен поради големиот број луѓе кои пристигнаа одеднаш.

Мислам дека и самата администрација на Бајден вистински не знае што овие луѓе можат а што не можат да прават. Но, знаете, како имиграциски адвокат, ако јас советував некои од нив, би им кажал да аплицираат за дозвола за работа зашто имаат условна дозвола за влез во САД – изјави Ендру Артур, Центар за проучување на имиграцијата.

Организациите кои им помагаат на имигрантите велат дека ќе биде потребно време за Авганистанците кои пристигнуваат да ги научат правилата.

Знаете, таков е начинот на кои многумина процесираат информации, дел по дел. Ако се соочат со цунами од информации луѓето апсорбираат само дел. Мора да се продолжи да се зборува за луѓето да бидат информирани за правата кои ги имаат – изјави Криш О Мара Вигнараја, Лутерански сервис за имигранти и бегалци.

Активистите велат дека дел од решението за овој проблем е повеќе пари од федералните власти.

Администрацијата на Џо Бајден од Конгресот побара 6.4 милијарди долари за процесирање, проверка и сместување на бегалците.

Овие средства би се искористиле за до крајот на септември во САД да се донесат 65 илјади Авганистанци кои во моментов се во трети држави, како и уште 30 илјади кои би можеле да дојдат во текот на оваа и следната година.

Досега во Соединетите Држави пристигнаа околу 64 илјади Авганистанци, десетици илјади чекаат процесирање во американски воени бази или во трети земји. Околу 200 се сместени и на македонска територија.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста