Игралиштето до ОУ „Александар Македонски“ дадено под концесија на пријател на градоначалникот на Аеродром?

Кој стопанисува со спортското игралиште лоцирано веднаш до градинката на ОУ „Александар Македонски” во Ново Лисиче? Алфа дознава дека тоа пред извесен период, било дадено под концесија на близок човек на градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, откако Општината го раскина договорот за користење склучен со ФФМ. Според наши информации, игралиштето сега го користи извесен „Фудбалски клуб Аеродром 2018“.

Дали клубот има решение да го стопанисува, и што стои во документот ако истиот постои, Алфа побара официјално одговор од Општината. Два дена од кабинетот на Марин молчат. Алфа побара одговори на терен. Но во моментот кога нашата екипа беше таму можеа да се забележат само деца кои тренираат. Беа дојдени од Битола.

Игралиштето овде во Ново Лисиче денеска беше отворено само за млади фудбалери од Битола. Останува не јасно зошто за граѓаните за кои е наменето не можат да спортуваат, случај каков што беше изминатиот период.

Оние кои беа да ги гледаат децата како тренираат, немаат појма кој стопанисува со спортскиот терен. Тука биле само да ги гледаат децата кои специјално дошле од Битола во Скопје.

Според извори на Алфа во Општината, во мај 2018 година на предлог на градоначалникот била донесена одлука да се раскине договорот со претходниот стопанственик, Фудбалската федерација на Македонија. За, потоа новиот клуб, кој во своето име ја содржи годината 2018, да почне да го користи.

Она што дополнително повеќе ја мати сторијата е што општината објави тендер во месец август лани за закупување на конкретниот фудбалски терен и тоа со почетна цена од над 1000 евра месечно. Но јавниот повик тогаш пропадна и никој формално – правно не го доби игралиштето за да го работи. Како тогаш дејноста ја врши „Фудбалскиот клуб Аеродром 2018“? За сега останува енигма.

Инаку, фудбалското игралиште е дел од проектот на претходната Влада и Агенцијата за млади и спорт за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава. Сега, останува отворено прашањето кој го има земено под концесија, и кој го користи.

Борис Грујоски