Игра со бројки: Прво 450, па 650, па 780- Заев сега не знае колку Авганистанци ќе дојдат во Македонија

Прво беа 450, па 650, па 780, за сега премиерот Зоран Заев да не знае колку точно бегалци од Авганистан ќе пристигнат во Македонија. Откако неколку пати се лицитираше со различни бројки, па Заев дури и порача дека можеме да примиме и 1.800 бегалци ако е тоа потребно, сега вели не можеме да знаеме колку ќе пристигнат, бидејќи дел од оние што требало да дојдат во Македонија, заминале во други држави.

-Бројките никој не може уште да ги каже, затоа што оние што и оние кои што беа потврдени, 650, 730, 780. Вчера попладне дел се откажани, затоа што отишле на друга дестинација, не можеме да ги потврдиме точно кои ќе бидат бројките. Многу е важна пораката и подготвеноста да една мала земја овде во срцето на Балканот солидарно, рамноправно, рамо до рамо со целиот демократски свет да ја испрати пораката на човечноста, изјави Заев.

За разлика од Македонија, која се понуди да прифати речиси 2.000 бегалци од Авганистан, многу економски помоќни и поголеми држави, изразуваат подготвеност да прифатат само 5 или 10 Авганистанци. Заев уште еднаш повтори дека нашата подготвеност да примиме повеќе бегалци, покажувале дека сме имале поголемо срце од другите.

-Зошто се определивме за поголема бројка, од некои поголеми држави, кои што се определија за помала бројка, затоа што веројатно имаме повеќе срце, затоа што сме повеќе луѓе. Веројатно затоа што сме, живееме, растеме и старееме во регион кој што трпел конфликти и пател, изјави Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека власта предводена од Заев не е способна да ги прими бегалците, потенцирајќи дека не можеле сами ниту вакцини да набават, а и дека целата држава ќе изгорела доколку не била помошта од другите држави.

-Заев тврди дека може да се справи со организирано примање на бегалци од Авганистан. Тешко на секој еден човек кој ќе зависи од помошта и организацијата на Заев. Наместо да се лета со изјави колку е спремен подобро ќе беше да го реши проблемот со над 60.000 граѓани кои останаа без работа во последната години и над 5.600 фирми кои ставија клуч на врата заради неговите лоши политики, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што беше соопштено, иселениците ќе добијат времен престој во Македонија од 90 дена, а нема да бидат цело време затворени во сместувачките капацитети. Надлежните зборувале и за нивниот безбедносен аспект и слободата на движење.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста