Иако требаше да почне неделава, стартот на скринингот на децата во училиштата останува неизвесен

Се уште е неизвесно дали и кога ќе стартува најавуваниот корона скрининг во основните и средните училишта. Министерката за образование Мила Царовска вели оти скринингот го координирало Министерството за здравство и наскоро ќе биле соопштени детали.

„МОН е во координација со Министерството за здравство кое е надлежно за координација на овој процес. Во моментот кога институциите ќе имаат нови информации, јавноста ќе биде навремено известена“, рече Царовска.

Од Министерството за здравство без конкретен одговор кој ден ќе почне тестирањето на децата. Велат допрва се барало согласност од родителите.

„Се работи на креирање примероци во училиштата како и прибирање согласности од родителите односно старателите за тестирање на децата. Трансмисијата во училиштата е многу мала, а со овој скрининг, ќе ја утврдиме состојбата бидејќи многу често децата се и асимптоматски носители“, велат од МЗ.

Тестирањето ќе опфати 8.200 ученици по случаен избор од регистарот на Е-дневникот, а за постапката ќе се бара согласнот и од родителите. Предвидено е ковид скринингот да трае пет дена, ќе го спроведуваат мобилни екипи во рамки на училиштата, а се ичекува дневно да бидат опфатени по околу 1600 ученици.

Целта на овој скрининг, според надлежните е да се добие податок за евентуална трансмисија на вирусот во училиштата.

Лекарите, пак, се погласно коментираат дека еднократен скрининг по случаен избор нема да даде релевантни резултати. Апелираат да се врши скрининг по теркот на западно европските земји, каде учениците се тестираат барем еднаш седмично.

„8200 тестови се најавија по случаен избор. Каков ќе биде тој рандом и случаен избор кога вие мора да добиете согласност од родителите? И за да било каква значајност има тој резултат, тие тестирања мора ад хок да се направат во еден ден. Тоа не може да се дисперзира во неколку денови, па сега овој прифатил или не прифатил. И крајно, што податок ќе добиеме ние? Каква информација со употребна вредност? Знаеме дека има дисперзија меѓу учениците, тоа не е спорно, ние гледаме на дневна база дека има случаи, ги гледаме во амбуланта ние тие лица“, вели матичниот лекар, Ненад Лазаров.

Инаку, првично министерот за здравство Филипче, најави дека со скринингот ќе бидат опфатени 40 до 50.000 ученици, но сега се зборува за бројка од 8.200 што е пет пати помалку.

Во меѓувреме, според податоците на Министерството за образование и наука, досега во училиштата се вакцинирани околу 75 отсто од наставниците, додека настава на далечина следат околу два проценти од учениците.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста