И светот дозна за нападите кон Мизрахи: Жестоки реакции од сите страни, освен од власта

Бура реакции како во Македонија, така и надвор, предизвикаа антисемитските напади, упатени од симпатизери и функционери на власта кон техничката министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи. Веста се прошири и надвор од границите на земјава, во светски рамки. За етничкото прифилирање на Мизрахи, кое е забрането во политичката комуникација во цивилизираните земји, пишува и Еврејската телеграфска агенција.

Со реакција излезе и директорот на Симон Визентал центарот за Источна Европа, Ефраим Зуроф. Тој во изјава за ЕТА упати честитки до Мизрахи, но и реагираше на нападите кон неа.

-Ова е охрабрувачка пресвртница за нејзината заедница, но антисемитските напади се откриваат и претставуваат срам, порача Зуроф.

За нападите кон Мизрахи реагираше и Обединетата македонска дијаспора. Претседателот Мето Колоски вели нападите се неприфатливи за нашето општество.

-Стојам на страната на нашите пријатели кои се Евреи и горди. Особено со Рашела Мизрахи која стана првиот еврејски министер во влада во историјата на Македонија, а доби повратни антисемитски коментари изминатиов викенд, што е неприфатливо во нашето општество, порача Колоски.

Осуда стигна речиси од секаде, како и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму бараат итно извинување од СДСМ и бараат Заев да ги разреши функционерите кои упатија навреди кон Мизрахи, поради нејзина етничка припадност.

-Говорот на омраза кој го шири СДСМ во стилот на нацистите од минатиот век мора веднаш да престане. Нацизмот е поразен од Сојузниците, работа во која допринес и жртва дадоа македонските партизани, но очигледно неговите корени останале во одредени структури во СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ нема да толерира антисемитизам, говор на омраза на верска и национална основа кон никој. Затоа бараме итно извинување од СДСМ и Зоран Заев за говорот на омраза на нивните функционери, изјави вчера Жаклина Пешевска.

Од СДСМ пак преку партиско соопштение не упатија директна осуда за нападите кон Мизрахи, но истото го искористија за повторно да ја нападнат најголемата опозициска партија.

-Очаен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ја прикрие неспособноста на своите кадри во техничката влада со нови измислици… Поделбите на граѓаните, говорот на омраза, дискриминациите, етничките конфликти, тоа се одлики на режимската ВМРО-ДПМНЕ и директно се поврзани со политичката доктрина на оваа нереформирана партија во која ништо не е променто, кажаа од СДСМ преку соопштение.

Најжестоки напади кон Мизрахи упати Видана Бошкова Мицевска, која важи за голем поддржувач на политиките на владејачката СДСМ, таа на Фејсбук напиша дека не и пречи што Рашела влегла во фашистичка партија, сигурна била дека дека и нацистите имале Евреи кои се бореле за своите подобри права. И функционерката на СДСМ Мерсиха Смаиловиќ испрати порака која содржи елементи на говор на омраза. Таа и порача на Рашела Мизрахи да си стави давидова ѕвезда.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста