И роднините на „фамозната“ прилепчанка на списокот од нејзините „жртви“

„Да беше морето мастило, а небото книга, пак не ќе можеа да се донапишат сите маки што семејството со години ги трпеше од оваа жена. Или нема власт во оваа држава, или некој од властa лично ја искокористува и штити, па таа продолжува и понатаму, неказнето да уништува туѓи животи. Исто како што му правеше 23 години и на нејзиниот сега веќе покоен сопруг“, вака ја започнува својата болна приказна блиска роднина на средовечната прилепчанка Л.В. која стана „фатална“ за некои од своите интимни пријатели и по што деновиве стана позната во јавноста. Нејзината роднина, вели дека иако таа веќе неколку години е избркана од дома, сепак семејството се уште имало страв од неа, бидејќи била жена која била подготвена на се’.

И едно од нејзините деца, си ја отвори својата душа пред Алфа. Не сакаше да зборува пред камера. Вели, се срамат од луѓето, бидејќи нивното семејството отсекогаш важело за чесно и угледно.
-По смртта на мојата мајка, татко ми се прежени со неа. Јас имав само шест години. Уште во 1998 година ни снема голема количина семејно злато, за што таа ја обвини баба ми дека била стара и го загинала. По смртта на татко ми пак, во 2016-та година, дома најдовме платежни кратички од повеќе, за нас непознати луѓе, како и туѓи пасоши на лица од Велес. И картичките и пасошите, веднаш ги пријавивме во Полиција. Но, оттогаш еве се’ досега, изгледа дека никој ништо не презел. Луѓе ни идеа нон-стоп на врата, си ги бараа парите. Идеше и полицијата да ја бара, ама ништо еве…Татко ми, од срам од луѓето, а и заради нас, покриваше се’ и ја трпеше се’ до својата смрт. – раскажува Н.В.

Она што најмногу ги чуди, но и вознемирува овие луѓе е тоа што таа се уште е на слобода, иако, според информациите од полицијата, официјално има две активни кривични пријави од 2016 и 2018 година, а и судски налог од Одделот за извршување на санкции уште од 2016, за дело направено во 2014 година, за кое е глобена во висина од 24.600 денари.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста