И покрај пандемијата, гужва и новогодишна атмосфера во Скопје

И покрај пандемијата, гужва, еуфорија и празнична новогодишна атмосфера во главниот град. Накитени улици, булевари, полни маркети со новогодишни украси и декорации и преполн плоштад со луѓе кои на моменти како да брзаа за некаде…

Деновиве сите патишта водат кон плоштадот „Македонија” во Скопје. Детски џагор, родители со деца е главната слика на само еден ден пред Новата Година во центарот на градот. Во метрополата има луѓе од сите градови од внатрешноста.

Плоштадот Македонија е украсен, но без некоја посебна празнична магија. Ведрина на лицата на луѓето како да нема, но сепак сите се со надеж дека наредната година ќе биде подобро, пред се здравје и спас од пандемијата.

Граѓаните велат дека излегуваат да прошетаат, но и да завршат по некоја работа. Новата година, велат, ќе ја дочекаат во кругот на семејството. А како и поинаку кога за рестораните и баровите важат рестрикции. Тие работат, но само до 18 часот со строги правила и најмногу по 4 гости на маса.

Раздвижено беше и во шопинг моловите. Од менаџментот на Градскиот Трговски Центар за Алфа велат дека се чувствувала новогодишна еуфорија, но далеку од онаа од минатите години.

Гужви и турканици имаше и пред поголемите маркети, граѓаните ги користат последните часови да испазарат и како што велат, сите заедно скромно да прослават за новогодишната ноќ.

Инаку, на последниот ден од старата година нема да ја има традиционалната новогодишна прослава на градскиот плоштад, ниту пак слетувањето на Дедо Мраз со хеликоптер, кој минатите години им делеше пакетчиња на децата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста