И по укинување на квотите охриѓани не можат да ги најдат сите потребни лекови на рецепт

„Лекот го има, ама само ако го платите на приватно“ – ова фармацевтите повеќе не смеат да го кажат во аптеките што соработуваат со ФЗО во Охрид, Струга, Ресен, Дојран и Гевгелија, оти квотите за лекови се укинати. Охриѓани велат дека не можеле да ги најдат сите потребни лекови ама од аптеките им ветиле оти во текот на денот ќе стигнеле.

-Некои лекови ги нема, ама нешто најдов. Ми рекоа дека вечер ќе има дотур на лекови, вели граѓанин.

Од Фондот за здравство велат дека граѓаните што нема да можат да го лично да го подигнат лекот, може да го земе друго лице, кое ќе приложи свој документ за идентификација.

-Моделот на аптеки без квоти започува со примена како пилот проект во август 2019 година во 43 аптеки. Лекот на рецепт во аптеката осигурено лице може да го подигне само доколку се идентификува со лична карта односно пасош. Во случај кога осигуреното лице од здравствени или други причини не е во можност лично да го подигне лекот во аптеката, лекот на рецепт во негово име може да го подигне друго лице кое треба да се идентификува со своја лична карта, односно пасош, се наведува во соопштението од ФЗО.

Директорот на ФЗО Ден Дончев, кој и онака долго време не сака јавно да говори за неговата, но и работата на Фондот за здравствено осигурување, што секако ги засега граѓаните, досега не прецизираше како ќе функционираат новите мерки, но и најважното, дали фондот има доволно пари за планираното да се спроведе.

Наместо него, со нецелосни првични информации, излезе министерот за здравство Филипче. Тој подвлече оти детали за начинот на спроведување, но и за финанската способност на фондот, јавноста ќе дознае дури за еден месец, иако веќе се реализира почетната фаза на мерката.

Опозицијата веќе реагираше. Оттаму посочија дека станува збор за популистичка мерка, ад хог решение, што на долг рок нема да биде одржливо.

Инаку проблемот со лековите, не е вчерашен, па граѓаните со децении наназад таблети најчесто ги купуваат приватно, бидејќи „на државно“ ги има само во првите денови од месецот.

Сања Трајковска Ставров