И по потпишувањето на договорите со откупувачите, тутунарите повторно прелажани, се закануваат со нови протести

     Македонските тутунопроизводители повторно прелажани. Ништо од ветувањата и писмените гаранции кои ги потпишаа пред само два дена. Крајно разочарани и изреволтирани, тие обвинуваат дека Договорот кој во петокот го потпишаа со откупувачите, а кој требаше да се почитува од денеска, испаднало дека е само едно обично, безвредно ливче хартија, бидејќи откупувачите си терале по старо, а откупната линија, денеска продолжила дури и покатастрофално од досега, што дополнително го зоврива нивното трпение.

  „Немаат изгледа ни срам, ни образ, ни чувство. После ова се виде дека се работи за едни обични преваранти и манипуланти… Најбедната класа да ја манипулираш, да си играш со човечки судбини, тоа е под секое достоинство“, – ни изјави за Алфа, Игор Мирчески од ИО на незадоволните тутунпроизводители.

    Очајни и гневни, тутунопроизводителите бурно реагираат на социјалните мрежи. Бараат нови, порадикални протести, констатирајќи дека државата ги оставила на цедило.

     „На лагата исе кратки нозете. Дражавата не остава на цедило. Спремајте се. Блокада пред Влада…“

      „Не сте свесни со кого си имате работа. Овие немаат осет. Пак вие потпишувајте договорче на обично ливче..тоа е исто како да си потпишал на снег…Одете пред Владата, блокирајте пунктови, друг спас ви нема..Поддршка и останете заедно до крај..“

    „…Да почнуваме нешто појако, оти овие играат со нас како да сме мали деца.. А бе ајде..цела Македонија да ја блокираме…“.

   „Тутунот продолжува исто сурово да се цени секаде. Е, па народе сега останува да се блокира цела Македонија..ајде народе, еден за сите, сите за еден…“ – коментараат на социјалните мрежи тутунопроизводителите кои од утринава го предавале тутунот.

    Според ИО на незадоволните тутунари, во текот на денов ќе треба да донесат одлука што и како ќе прават понатаму, бидејќи, како што не информираше Игор Мирчески, тутунарите финансиски се исцрпени.

    Колку за потсетување, во петокот во Прилеп, со посредништво на министерот Хоџа, беше потпишан договор со откупувачите со кој тие се обврзаа на пофлексибилна откупна линија, односно за реална проценка на годинашниот род, без кинење на класите. Договорот не беше потпишан само од најголемиот откупувач – Сокотаб.

   Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста