И по еден век од извршувањето на колежот, бугарскиот масакар во с.Долгаец го вознемирува македонскиот дух

        „Споменикот бил срушен за три збора. На него пишувало: „Да беа волци, ќе се уплашеа, да беа Срби би се сожалиле, ама беше орда на бесни Бугари“, изјава на Младен Зиморкоски.

     Вака го започна својот морничав присет Младен Зиморкоски од с. Долгаец, каде во ноември 1915-тата година, на православниот празник „Св.Враче“, припрадници на тогашната окупаторска бугарска војска, потпомогнати од тројца арнаути, извршиле невиден колеж врз недолжните селани. Под оружјето и бајонетите на разгневените бугарски војници страдале мажи, жени, старци, деца, па дури и штототуку родени бебиња. Вкупно на број 195 жители на селото, а кое тогаш броело над 450 лица. Убиени, обесени или исклани биле цели семејства, а оние што се скриле дома, живи гореле во куќите кои им биле запалени.

  „Тогаш, овдека селото настрадало од бугарскиот окупатор. Овдека, позади мене се над 195 мои соселани, тогашни жители на селово кои што се на ѕверски начин убиени, заклани и овдека донесени. Имало и случка кога биле запалени куќи. Во куќите гореле и живи луѓе. Некои се обидувале да излегуваат низ прозорци и паѓале долу. А другите пак биле скриени во копи од царевка или сено и не смееле никако да помогнат во спасот на тие луѓе. Луѓето раскажуваат дека тоа е нешто невидено, дека таков злостор каков што го направиле Бугарите го нема и не може да се опише со зборови. И ден денес овие села: Долгаец, Маргари, Стровија…се носат со таа болка што ја имаат за своите предци кои што биле сите овдека заклани“  – ни раскажа Душан Стојчески, жител на с. Долгаец.

     Денес Долгаец брои околу шеесетина, претежно возрасни жители. Тие не се согласуваат со политиките на актуелната власт и не прифаќаат дека Бугарите биле „администратори“ во Македонија, бидејќи, како што велат, ако било така, тогаш зошто, по нивното второ доаѓање за време на НОВ, истите тие „администратори“, веднаш го уништиле споменикот кој овде бил подигнат во спомен на жртвите од невидениот масакар, извршен 26 години пред тоа, токму од нивните војски?!       

    На заминување од историското и крвописно село Долгаец, љубезните домаќини не’ испратија со надеж дека актуелните обиди за искривување на историјата ќе престанат, ако не за друго, како што ни рекоа, тогаш барем за тоа мир да имаат коските на оние кои во Првата светска војна ѕверски биле убиени од бугарските окупатори, а чија заедничка гробница денес е обрасната во трње, без никакво достоинствено обележје.

   Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста