И ова е Скопје – диви ромски населби под Кале и кај Вардариште

Десетина ромски семејства со над 40 малолетни деца и натаму живеат во импровизираната населба на кејот на Вардар под скопското Кале. Локација која на скопјани им е позната по густиот црн чад кој се издига на небото од секојдневното палење на отпад и една од најчестите причини поради која ѕвонат телефоните на линијата 193. Екипата на Алфа денес беше во импровизираната ромска населба. На влезот не дочекаа десетина деца, кои веднаш ги повикаа своите родители. Не замолија да не снимаме, оти се плашат од полицијата. Велат, сите знаат дека живееме тука и постојано ни најавуваат дека ќе не иселат. Доаѓаат со багери во пет изутрина, се обидуваат да го урнат кампот, бевме и пред Влада, но институциите не игнорираат.

Нашата соговорничка има шест деца, сопругот и бил во затвор за кражба на железо, а таа секој ден собира пластични шишиња за да го прехрани семејството. За една полна вреќа вели зема по 250 денари. За парче леб собираат и хартија, која на пазарот се продава по денар за килограм, а на трпезата ставаат што ќе најдат во кантите. Она што вие го фрлате, ние го јадеме, велат ромите од под Кале.

Оттаму заминавме на старата скопска депонија во Вардариште. И покрај жешкото сонце, десетина Роми и денес собираа пластика и железо. Чичко Рамадан го затековме седнат на стар фрлен кауч. Годините го навјасале, но вели секојдневно доаѓа на депонијата.

Само покрај Вардариште живеат околу 400 Роми. Дел од нив се т.н. „фантоми“, лица без документи, невидливи за државата. Децата од импровизираните населби не одат на училиште и тие се први на удар на енормното загадување од секојдневното палење на стари гуми со кои се затоплуваат импровизираните домови. Најголем проблем е што во овие населби на диво се палат кабли за вадење на бакар – бизнис од кои може да заработи од 2000 до 3000 денари на ден. Сепак, законот вели дека за вакво дело, крадците и потпалувачите може да заработат и до 4 години затвор.

За проблемот на Ромите преку социјалните мрежи реагираа и од О2 Иницијативата, од каде алармираат дека во период на избори, кога државата троши близу 5 милиони евра за изборна кампања, за имплементација на Стратегијата за Ромите, Владата одвоила само 700.000 евра. Оттаму апелираат до институциите дека итно е потребно да се реши станбеното прашање на овие семејства, бидејќи според нив тоа би ставило крај на нелегалното палење на отпад и на загадувањето во главниот град.

Б.Б.