И на овие избори нема да има независни кандидати за пратеници, никој не собра доволно потписи

На престојните избори ќе нема независни листи на пратеници,никој не собра доволно потписи. Од Државната изборна комисија велат услов е 1000 потписи, а најголемата бројка која успеал некој во овој рок да ја собере е 553, со што автоматски никој го нема исполнето критериумот за кандидирање за независен пратеник.
Иако кандидати за независни пратеници нема да има, сепак на само 5 дена пред истекот на рокот за поднесување кандидатури до ДИК, политичките партии ги подготвуваат листите. Техничкиот премиер Оливер Спасовски не открива дали токму тој ќе се најде како носител на втората изборна единица.

Ниту од коалицијата на Алијанса на албанците и Алтернатива по ова прашање не кажуваат многу. Портпаролката на Алијанса вели до четврток бил рокот, а тие во среда ќе имале состанок. Таа не кажа ни дали размислуваат за било каква пост изборна коалиција во која тие би учествувале, доколку во истата е ДУИ.

Она што засега е сигурно е дека СДСМ и БЕСА ќе одат со Заев како носител во четвртата изборна единица, а социјал-демократите признаа дека ќе мора на БЕСА да и отстапи загарантирани позиции, но не откри колку.

Низ новинарските кулоари кружеа разни имиња за кои би биле носителите на листи на СДСМ, но и на ВМРО-ДПМНЕ, сепак официјалните имиња од СДСМ ќе ги соопштат во понеделник , а од опозицијата кон средина на седмицата.
Инаку рокот за доставување на листи до ДИК е до 12 март, а изборната кампања започнува на 23 март, но се уште останува отворено прашањето дали оваа изборна кампања ќе биде без митинзи и средби со граѓани, заради забраната за масовни јавни собири до 13 март, која доколку стане алармантна состојбата со корона вирусот може и да се продолжи.

Meри Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста