И Јани Иванов оставен на цедило, државата го одбила за лекување во странство

Јани Иванов и неговото семејство речиси две години поминуваат голгота бидејќи државата не му одобрува пари за лекување во странство. Младиот велосипедист од Неготино по повреда во Грција во јули 2022 година добива дијагноза параплегија по што е приморан да се лекува таму. Момчето било оперирано два пати во Солун по што бил префрлен на лекување на КАРИЛ во Македонија , но како што раскажува неговиот татко за Алфа , ситуацијата му се влошила па семејството одлучило да го врати Јани во Лариса каде и моментално се лекува. Трошоците од речиси 10 илјади евра месечно семејството ги покрива од донации од граѓани оти државата ги одбила за лекување во странство.

Понудив јас од душеците што беа користени во Солун, но не ми беа прифатени.  Како што реков одбиен сум од комисијата таму ни рекоја- ако сакате да го продолжите лекувањето ќе мора да го сносите на свој трошок. Тие се упорни дека во Македонија дека има такви центри за такво лекување, но јас тврдам дека немаме такви центри. Пред некој ден се јавив во Негорски бањи но ми рекоја многу тешко со таква дијагноза за таков пациент, раскажува таткото Васил за Алфа.

Состојбата на Јани во моментов е подобра од кога се случила повредата, но тој се уште мора да продолжи со лекување. Таткото Васил од петни жили ја продолжува борбата за да обезбеди финансии, вели, не се откажувам, важно е само здравјето на мојот син.

Што да ви кажам само некој што осетил на своја кожа може да знае. Моментално за разлика од КАРИЛ и Козле до ден денес му е подобра здравствената состојба . Тој не мрдаше ништо , ни рамења ни ништо, но моментално може да движи инвалидска количка, вели Васил.

Според искуствата на семејствата, Македонија нема ниту центар, ниту обучен кадар, ниту современи роботски апарати кои можат да им помогнат на вакви пациенти, иако институциите, како да не им е доволна маката,  постојано ги убедуваат во спротивното.

катетерот што го користи не знаеја што е тоа во Неготино, а тој таму го плаќаме 360 евра месечно. Нашиов систем според некоја логика тоа што го разделуваат лекување и рехабилитација јас не го разбирам тоа но според мене е исто , додава Васил.

Таткото на Јани раскажува дека нема нити комуникација нити поддршка од здравствените власти во Македонија. На почетокот добивал одговори на е-маил, но и тие прекинале. Неодамна добил информација преку трети лица дека треба да ги обнови документите, но тие да бидат за лекување, а не за рехабилитација.

Во меѓувреме, сите кои сакаат да помогнат за Јани да го продолжи неговото лекување во Лариса, можат да го направат тоа на телефоните за донации од операторот А1 143 470 и операторот Т- мобиле 143 124, или пак на сметка во Стопанска банка.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста