И градежништвото пред финансиски крах

Бизнисот продолжува да негодува откако Владата го презентираше вториот сет мерки за помош на стопанството. Велат мерките се недоволни и не им помагаат на многу фирми да исплатат плати, особено оние што немаат никаков промет и приходи во последните неколку недели. Алармираат дека кризата го стигна и градежништвото. Бараат од Владата во никој случај да не ги стопира капиталните инвестиции. Велат од градежништвото егзистираат уште 22 индустриски гранки. Градежниците стравуваат од финансиски крах. Не знаат што ќе биде со тековните, но и идните проекти. Изградбата на патишта, пруги, училишта, гасовод ќе ги спаси компаниите.

Заглавени во проблеми со ликвидноста голем број фирми ќе побараат одложување на ратите за кредити. Деновиве јавноста се дигна на нозе бидејќи банките и во текот на 6 месечниот грејс период ќе пресметуваат редовни камати, кои потоа ќе ги додадат на долгот за враќање и покрај тоа што во нормални услови си конкурираат меѓу себе откажувајќи се од трошоци за одобрување на кредити, за проценка и слично. Дополнително голем дел од нив веќе се изјаснија дека нема да се откажат од делење дивиденди. Само лани имаа добивка од 114 милиони евра. Техничкиот премиер Спасовски очекува банките да не го гледаат само сопствениот интерес и профит, туку да им помогнат на граѓаните и стопанството. Ако не биле солидарни, имало механизми законски да се натераат на тоа.

Граѓаните имаат рок од 10 дена писмено или електронски да ја известат банката само во случај ако сакаат да ја одбијат нивната понуда, односно ако сакаат да продолжат редовно да плаќаат. Оние што сакаат одложување на ратите не треба да сторат ништо. Банката автоматски ќе им ги одложи ратите до крајот на септември и ќе ги стопира трајните налози.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста