И денеска нема одлука – состанокот на Комисијата за заразни болести за протоколите за наставата продолжува утре

МОН и здравство го пробија рокот за дефинирање на протоколите за стартот на новата учебна година. Иако беше најавено дека најдоцна до 10 август ќе падне конечната одлука на кој начин ќе се учи од 1 септември, надлежните се уште преговараат околу можните модели за настава. Каде запнаа преговорите и зошто двете институции не можат да се усогласат? Од Министерството за здравство информираат оти разговорите продолжуваат и во наредните денови со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата.

„Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес, сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука“, информираат од Министерството за здравство.

Неофицијално, на маса се неколку работни верзии. Учење со скратени часови, ротација на смени и настава во групи. Не е исклучена ниту можноста децата до 10 години да посетуваат редовна настава, додека постарите да учат од дома.

За училиштата во големите градови каде има и повеќе ученици, најверојатно ќе се предложи учење во групи по принципот една седмица физичка настава, една седмица онлајн учење. Оние ученици што ќе посетуваат физичка настава во училница ќе бидат најмногу два часа, а потоа наставникот наставата веројатно ќе ја продолжи преку интернет со другата група.

За помалите градови и рурални средини, каде има помалку деца, ќе се предложи редовна настава со скратени часови кои би траеле по 20-тина минути.

Начинот на едукација, според надлежните, ќе зависел и од епидемиолошката состојба со Ковид 19, па не е исклучена ниту можноста да се премине кон целосна интернет настава доколку состојбата со вирусот се влоши.

Од СОНК апелираа да се донесе рационална одлука во интерес на здравјето и на учениците и вработените во училиштата.

Во меѓувреме група родители организирани преку социјалните мрежи испратија барање до Владата и надлежните министерства за онлајн настава за сите ученици. Бараат наставата да се одвива преку видео конференциска врска, а по еден родител на деца под 10 години да биде ослободен од работа. Велат физичкото присуство во училница го зголемува ризикот од ширење на болеста.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста