Револт поради зголемениот данок, опасност од ширење на сивата економија

Бизнисмените затечени од даночната реформа. Бараат од Владата да не избрзува со нејзино воведување. Велат плановите беа да се развие поширока дебата со стопанствениците пред да се напише новиот закон, а сега се принудени допрва да ги анализираат негативните ефекти. Бараа одложување на зголемувањето на даноците за 5 години, а добија само два месеци да се навикнат да работат под нови услови.

-За најновите владини мерки што беа соопштени во саботата потребни се длабински анализи и широка консултација со сите засегнати страни. Освен даночната стапка која веќе беше презентирана, за целосно согледување на ефектите од овие нови решенија ќе треба детално да се анализираат и прашањата за даночната основа, субјектите, даночните повластувања, но и како ќе се спроведува контролата врз овој предложен даночен режим, имајќи предвид дека станува збор за целосно нов систем на даночно уредување на личните доходи поради што сметаме дека е потребно подолго време. Ова би се однесувало не само на прашањето какви ефекти ќе имаат предложените мерки врз приходната страна на Буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз работењето на деловните субјекти и нивната продуктивност и конкурентност, но и недостигот на висококвалификувана работна сила. Прописите за проценка на влијанието на регулативата предвидуваат точни рокови и дејства кои треба да бидат преземени со консултации со сите засегнати страни. Во конректниот случај, известувањето за почеток на подготовка на посочените законски прописи и нацрт-текстот на новиот закон за личен доход беа објавени истиот ден како веќе готово законско решение„ – рече Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија.

На социјалните мрежи не стивнуваат реакциите на граѓаните откако Владата одлучи да воведе нова стапка од 18% кај персоналниот данок, да го зголеми придонесот за пензиско осигурување од 18 на 18.4%, да воведе социјална пензија и за оние што имаат работен стаж од само еден ден, а исто така и да го зголеми за 50% данокот на капиталните добивки, кирии, добивки од игри на среќа од 10 на 15%.

Аналитичарите стравуваат дека парите собрани од побогатите нема да завршат во вистинските раце, а од Платформата против сиромаштија велат дека единствено што им останува е да веруваат дека Владата навистина ќе го исполни ветувањето. Додека некои сметаат дека е неправедно ист износ на социјална пензија да добиваат и оние со еден ден работен стаж, како и оние со 14 години, а некои предлагаат да се воведат различни суми на исплата зависно од стажот, од Платформата против сиромаштија сметаат дека во овој случај е најважно ова да не доведе до тоа пријавените работници да влезат во сивата зона поради гаранцијата дека секако ќе добијат пензија дури и ако не го достигнат минималниот стаж од 15 години.

„Никако не смееме да дозволиме луѓето од формалното вработување да отидат во неформалното вработување или на црниот финансиски пазар. Очекувано е дека размислувањата можат да отидат во таа насока, но ако ги оставиме луѓето сами на себе, не сме направиле ништо“ – рече Билјана Дуковска од Македонската Платформа против сиромаштијата.

Дел од аналитичарите коментираат дека на државите што воведуваат прогресивни даночни стапки им се заканува затајување на данок, раст на сивата економија, иселување на високостручните кадри, намалување на платите и застој на инвестициите. Велат дека оние со повисоки примања имаат повеќе можности да затајуваат данок. Сметаат дека Владата мора да ја зајакне контролата ако сака да спречи даночна евазија.

Тања Попова