Хронично болните со апел до Владата – итно да ги ослободи од работните обврски

„Бидете истрајни во овие моменти, почитувајте ги мерките и препораките и останете во добро здравје“, ваква повратна порака добија хронично болните пациенти кои до Владата и Министерството за здравство испратија молба да бидат ослободени од работа. Гневни и револтирани од односот на надлежните, пациентите со хронични заболувања, реагираат оти пораката која им ја испрати Главниот кризен штаб била несериозна и иронична. Разочарани се од односот на институциите, кои наместо да ги заштитат, им порачаа да се чуваат. Алармираат оти состојбата со корона вирусот ескалира, а надлежните се уште тактизирале со здравјето и животот на најризичните групи на граѓани.

И на социјалните мрежи врие – роднини и пријатели речиси секојдневно се простуваат од свои блиски, кои поради сплет на хронични заболувања ја изгубиле битката со корона вирусот.

Од друга страна, апел за заштита на хронично болните пациенти денеска до министерот испратија и од Алијансата на пациентски организации. Тие бараат оваа ранлива група на граѓани итно да биде ослободена од работни обврски.

„Толку многу се влоши состојбата со корона вирусот, ќе побараме од министерот да направат одредени промени и отстапки во делот на хронични болни, посебно на пациентите кои имаат се поголеми влошувања на други заболувања во ситуации во кои имаат потреба да добијат лекарска нега. Ние ќе бараме овие пациенти да бидат ослободени, бидејќи дополнителниот напор да стигнат до Клиниките и да се соочат со опасност од ковид 19, претставува огромна шанса не дај боже го изгубат нивниот живот во иднина“, вели „Милан Мишковиќ од здружението Хепар центар“.

Здруженија на хронично болни пациенти пред два месеци добија ветување од министерот Венко Филипче оти сите пациенти со хронични заболувања со само една потврда од лекар специјалист ќе бидат ослободени од работа. Но, ова не профункционира во пракса.

Пациенти со хронични болести се жалеа оти ги шетале од врата на врата за да ги продолжат боледувањата. Голем дел од нив и покрај тоа што добиле препорака од специјалист да седат дома два месеци, Комисијата за боледувања им одобрила само 15 дена. И министерот Филипче рече дека ваков пропуст воочиле, но не прецизираше кога ќе се реши.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста