Хронично болните алармираат, власта се прави глува

„Јас лично се слушнав со министерот, меѓутоа и покрај тоа што разговаравме тој ми вети дека ќе го убрза сето тоа решавање на тој проблем, за жал ништо не добивме ние од тоа, испадна само празни ветувања“, вели Билјана Рогожарска од Иницијативата за поддршка на хронично болните во време на пандемија со Ковид – 19.

Пациенти со хронични болести со месеци молат за помош. Исплашени од корона пандемијата која секојдневно зема животи, бараат да бидат ослободени од работа, како што тоа беше на стартот од корона кризата. Но, велат надлежните немале слух за нивните проблеми.

„Член на нашата Иницијатива беше минатата недела диретно во Министерство, секретарката ја задржуваше со ветување дека ќе биде примена од министерот од 12 до 15 часот. Жената е со онколошко заболување, беше дојдена во Министерство од преглед кај онколог, премрзна чекајќи пред вратата на Министерот. Кога вирусот е во експанзија, кога нема контрола, кога се повеќе пациентите се млади луѓе и голем дел од хроничните завршуваат трагично ние сме на работните места. Значи го молиме министерот и сите надлежни ова е последен крик, последна молба, нема време повеќе“, вели Рогожарска.

Пациенти со сериозни дијагнози мака мачат да отворат боледување. Велат протоколите на Фондот за здравство не се променети и покрај најавите од надлежното министерство. Специјалистите им препорачувале зимата да ја поминат дома, но одобрување немало од страна на лекарите во Комисијата за боледување.

„Не е во ред да се врати од Комисија онколошки болен, не е во ред да се прекинува боледување на хронично болен со астма или ХОББ со влошена состојба затоа што правилникот вели дека неговото боледување е до месец дена. Не е во ред со мултиплекс склероза да се враќаат од специјалистичките ординации, верувајте имаме и такви сведоштва“, додава таа.

Дека постојат административни бариери околу издавањата на боледување за хронично болните пациенти, неодамна призна и министерот за здравство Филипче. Иако вети дека проблемот во најскоро време ќе биде решен, за сега нема никаков напредок во полза на пациентите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста