Хронично болни се жалат оти за преглед се чека и повеќе од шест месеци

Срцево болни пациенти ставени на стенд бај. Се жалат оти со месеци не можат да стигнат до контролен преглед кај своите специјалисти бидејќи повеќето клиники го намалиле обемот на работа. Велат за преглед се чека и повеќе од шест месеци.

„Со срцево заболување имам вграден стент. Последен пат на преглед бев кон крајот на монатата година. Докторот тогаш ми рече задолжителна контрола после шест месеци, но мојата матична докторка не може да најде термин за мене откако почна корона пандемијата. Што да правам јас, хронично болна, со вграден стент без контрола цела година?“, вели пациентка со срцево заболување.

Дека капацитетите за работа во болниците се намалени покажува и системот Мој термин. На пример на Клиниката за пулмологија амбуланта држат едвај четворица лекари, а пред пандемијата ги имаше најмалку двојно повеќе. Уште поалармантно е на Кардиологија, каде во системот се јавуваат имињата на само двајца доктори, но слободни термини нема.

Матичните доктори пак велат дека хронично болните пациенти успеваат да ги направат најнеопходните прегледи, но алармираат оти државата не смее да се врати во периодот кога работата на амбулантите во болниците беше сведена на нула. Велат целиот товар за лекување на другите дијагнози бил оставен на матичните доктори.

„Целокупното здравство, 99 отсто е паднато на примарното здравство. Можам да кажам Гевгелија нема инфектолози, во другите помали градчиња исто така нема, фукционираат со интернист, со други специјалности каде има трудова… Значи сегде е преструктуирано здравството, секундарно, терциерно мора да функционира“, вели докторот по општа медицина, Лилија Чолакова Дервишова.

Дека обемот на работа кај докторите е намален поради корона пандемијата неодамна алармираа и доктори од најголемата болница во Скопје – 8 Септември. Велат дури и да се отворат дополнителни ординации, ќе нема кој да прегледува, бидејќи кадарот бил ангажиран за лекување на ковид позитивните пациенти.

„Сведени сме на минимум за ехо кардиографии, холтери или ангиографската сала работи со пола интензитет. Нормално дека имаме наплив, лушето сакаат да направат и соодветна рутинска контрола, меѓутоа за жал можностите се толку“, ни рече доктор Владимир Ристовски, специјалист интернист.

Во меѓувреме, Министерството за здравство ги мобилизираше речиси сите клиники во комплексот Мајка Тереза за лекување на пациенти со компликации од корона вирус. Наскоро кревети за лекување ќе бидат пуштени и на очната клиника, и на дел од хируршките клиники.

И во ГОБ „8 Септември“ се зголеми бројот на кревети за хоспитализација на пациенти со Ковид 19. Менаџментот на болницата им наложи на хирурзите од други специјалности да се вклучат во работата на инфективното одделение што наиде на револт и отпор кај лекарите специјалисти.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста