Храмовите полни со верници – дечињата со коледарска песна го најавија раѓањето Христово

Бадник за сите, радост за сите – со оваа порака илјадници христијани уште рано наутро си го честитаа големиот христијански празник Бадник, предвесникот на Христовото раѓање Божиќ. Се палеа свеќи за здравје, се делеше бадниково гранче за бериќет во домот. Главното одбележување во Скопје се случуваше пред Соборниот храм каде верниците беа дел од традиционалната прослава „Поворки за Бадник“.

Бадник е ден кога христијаните преку постот духовно се подготвуваат за раѓањето на спасителот. Трпезата треба да е скромна, а прославата да биде во домот и со најблиското семејство, порачуваат од МПЦ.

Од вештите раце на верниците, годинава за прв пат беше испекоа најголемото бадниково колаче – високо три метри и тешко 100 килограми. За најмалите, дечињата коледарчиња, кои ја предводеа поворката до храмот „Св. Климент Охридски“ беа послужени 5.000 мали колачиња кои го симболизираат раѓањето на Исус.

Утрото го најавија коледарчињата, кои во секој дом преку песна го најавија раѓањето Христово, а домаќините, како што наложува адетот ги даруваа со овошје и колачиња за убавата вест. Песната „Вечниот бог“ го развесели и студиото на телевизија Алфа. Група дечиња, пристигнаа и во нашето студио за да ја споделат радосната вест за христовото раѓање.

Православните верници вечерва ќе седнат на посна трпеза, со кругот на семејството, за да го одбележат последниот ден од строгиот божиќен пост. Традиционално, се крши лепче со паричка, а се верува дека оној кај кој ќе се падне паричката ќе го прати среќа во текот на целата година.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста