Хоспитализирани битолчани заразени со корона во тешка клиничка состојба

Осумдесет и пет лица до утрово беа сместени во Ковид- центарот на Клиничката болница во Битола, најголемиот број во тешка клиничка состојба, а во последното деноноќие починаа четири лица. Во овој бран на ковидот, се поголем е бројот на младите што доаѓаат во болницата  и во се потешка состојба.

Утринските бројки се со 85 хоспитализирани пациенти во двата дела на ковид- центарот, а поголем број од нив се во тешка клиничка состојба , што е загрижувачко. Поголем дел од нив, околу 70 се постојана кислородна поддршка додека другите со повремена, за жал во тековното деноноќие, за жал, имаше четири пациенти од Битола на возраст помеѓу 63 и 78 години. Возраста на хоспитализираните се движи од 32 до 80 години. Она што е загрижувачко, се помлади луѓе доаѓаат со тешки клинички слики, а доминира возрасната граница од 45 до 65 години – рече д-р Билјана Гагачовска – директор на Клиничката болница во Битола.

Во монетов,  во делот на физикалното одделение се сместени 23 пациенти, а слободни кревети има на двата оддела на ковид- центарот кој располага со 120 легла. Модуларната болница е спремна со 90 кревети, сите со довод на кислород и тријажен центар, но доколку се појави потреба за нејзино активирање, тогаш ќе мора да се затворат некои оддели во Болницата, за да може нормално да функционираат трите ковид- пунктови, рече д-р Гагачовска.

Професорот д-р Дејан Трајковски смета дека пикот на новиот бран во Битола ќе стаса на крајот од првата декада на идниот месец, а во споредба со ноемврискиот пик, вкупните бројки на заболени ќе бидат помали, но со многу потешка клиничка состојба, што ќе услови и зголемена потреба за хоспитализации.

Експоненцијалниот раст на новозаболени во Битола продолжува, слично како и во државата, дури и малку позабрзано бидејќи ефективниот репродукционен број во Битола е малку поголем. Тоа е нормално, зашто овој бран на епидемијата запшочна со доцнење од неколку дена, па затоа и пикот  ќе биде достигнат четири до пет дена подоцна од државниот значи околу 10 април. Тоа ќе биде точката на најголем број на дијагностицирани и хоспитализирани, по што ќе следува разврска- рече битолскиот професор.

Од Центарот за јавно здравје велат дека не може да се зборува за кластери во услови на широко распространета трансмисија. Инаку, од 22 до 26 март починати се десет лица, а доминантната  група на заболување овие денови е на возраст од 40 – 50 години. Бидејќи сите места на групирање се ризични, се препорачува покрај стандардните препораки за заштита,  во овој најкритичен период од неколку недели, битолчани да се воздржат од своите навики за седенки во кафеани и во кафулињата на Широк сокак.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста