„Херитиџ“ алармира на висока корупција и сива економија, премиерот не е загрижен поради извештајот

Економијата на Македонија е загрозена поради политичките превирања. И покрај тоа што земјава се најде на 33-тото место во светот според индексот на економски слободи што го изработува „Херитиџ“, фондацијата наведува дека економските перформанси можат да бидат поткопани поради постојаната политичка криза. „Херитиџ“ детектира слабост во фискалната политика, непродуктивно трошење на државните пари и голем опфат на сивата економија од 20 до 45% од БДП. Фондацијата особено го критикува начинот на кој власта се справува со корупцијата и гломазната администрација.

„Потребни се структурни реформи и справување со корупцијата и гломазната администрација. Правна рамка постои, но проблем е спроведувањето, што ја поткопува довербата на јавноста дека постои подготвеност да се гонат корумпираните официјални претставници. Владата донесе некои антикорупциски мерки, но и натаму е присутно политичкото мешање, непотизмот, и одолговлекувањето на судските процеси“ – пишува во извештајот.

Критиките од „Херитиџ“ не го загрижуваат премногу премиерот. Според него, извештајот бил позитивен. Сите мерки што Владата ги презела биле за да се намали сивата економија и корупцијата. Сепак, бројките на Владата не се совпаѓале со оние на фондацијата. Сивата економија достигнувала до 30%, а не 45%.

– Мерката „Мој ДДВ“ е борба против сивата економијата, евазија на данокот на додадена вредност. Намерата е да ги легализираме и парите во кеш што ги даваат голем дел од фирмите на полулегален дури и на законски начин. Сите овие мерки што ги развиваме како Влада се буквално борба против сивата економија, која според нашите проценки е меѓу 20 и 30 отсто, што е многу. Така што земја која има аспирации да биде европска, мора сериозно да се бори не само затоа што буџетот губи, туку затоа што губат и граѓаните, односно сите кои се на легалниот пазар, изјави Заев

На листата на „Херитиџ“, зад земјава се најдоа Бугарија на 37. место, Косово на 51-вото, Албанија на 52., Србија 69., БиХ 83., Хрватска 86., Црна Гора 92., а Грција е на 106. место. Земјите се оценуваат според владеењето на правото, јавното трошење, регулаторна ефикасност и отвореност на пазарот. Според „Херитиџ“, најголеми економски слободи има во Хонгконг, Сингапур и Нов Зеланд, а најмали во Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Тања Попова