Хемотерапија во студени соби – пациент се жали дека тешко болните смрзнуваат на Клиниката за онкологија

Хемотерапија на минус 10 степени?! Пациенти кои се лекуваат на Клиниката за онкологија, реагираат дека деновиве откако температурата се спушти под нулата, терапија примале во соби студени како во фрижидер. За студот кој се чувствувал во болницата се жалеле и медицинските сестри.

„Ако надвор беше минус два, внатре беше минус 10. Можам да кажам дека состојбата на Онкологија е катастрофална. Во дневната болница каде што седат еден куп пациенти, во ист термин некогаш се случува по 60 до 70 луѓе да се наредени како сардини вие се греете на климатизери. Прво сестрите што работат, а се прекрасни личности, кога они се жалат дека мрзнат што останува за пациентите“, вели пацинет кој прима терапија на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.  

Нашиот соговорник, чиј идентитет е познат на редакцијата на Алфа, тврди дека ништо подобро не било ниту во собите. Таму пациентите морале да се покриваат со јоргани за да се стоплат од студот. Вели климите не можеле да постигнат да загреат толку голема зграда.

„Се греат на климатизери, наместени климатизерите на 28 степени, внатре е кочан ладно. Додека примав терапија, пациент еден што лежеше неколку дена, го прашував што е, како е, ми вика гледајте господине се покривам со јорган до врат бидејќи навистина студи. Греота е за луѓе, знаеме кој се оди на онкологија, знаеме кој се прима терапии да се греат на климетизери и да смрзнуваат“, вели тој.

Од Министерството за здравство, пак, велат дека парно греење има.

„Во сите соби има парно греење, а дополнително сите соби на Клиниката за онкологија и радиотерапија се климатизирани и пациентите во секој момент може да вклучат дополнително греење“, информираат од Министерството за здравство.

На Клиниката за онкологија се лекуваат пациенти со малигни заболувања чиј имунитет и онака е кревок поради серизоноста на болеста. Покрај оние кои се хоспитализирани и задржени на болничко лекување, таму секојдневно минуваат десетици пациенти кои примаат хемотерапија, третман кој не ретко трае со часови.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста