Хаваријата со веб страницата на ДИК фрла сериозна дамка на целиот изборен процес

Каде исчезнаа 2013 гласачки ливчиња од кочаните на ДИК? На ова укажува поранешниот член на Комисијата, Сашо Срцев кој вели оти податоците кои вчера беа презентирани на Јавната седница на ДИК не соодветствуваат со официјалните статистички податоци.

На пример ако се знае дека гласале вкупно 942334, односно толку ливчиња биле употребени во трите изборни денови, а неупотребени останале 869.889 тогаш се јавува јаз од вкупно 2013 ливчиња. Збирот на искористените и неупотребените ливчиња изнесува 1.812.223, а на избирачкиот список се впишани вкупно 1.814.236 гласачи.

Срцев вели, ова некој ќе треба убаво да го објасни.

„Зошто е тоа така, ДИК како држаен и релевантен орган потребно е да и објасни на јавноста. Вкупниот број на освоени гласови на секоја политичка партија по изборна единица и нивниот збир заедно со неважечките ливчиња, не кореспондира со вкупниот број на гласачи кои го искористиле своето право на глас што исто така се јавува разлика. Со тоа се отвора сомнеж кај политичките партии учеснички во изборниот процес како и кај поголем дел од избирачите, кои се сомневаат во спроведување на изборниот процес“, вели Срцев.

Друг проблем е со пребројувањето на гласовите. Тука пак има вишок ливчиња?! Ако се соберат освоените гласови за сите политички партии кои учествуваа на изборите, од Коалицијата „Можеме“ која доби најмногу 327.329 гласа, па се до Народна партија на Ромите која освои 1.225 се добива вкупно 911.755 што е за 887 гласови повеќе од официјално објавените вкупно 910.868 важечки гласачки ливчиња.

Во меѓувреме, јавноста се уште нема можност да ги спореди објавените резултати со реалните впишани во апликацијата за пребројување, оти трет ден веб страницата на ДИК не функционира. Ова пак фрли сомнеж на целокупниот изборен процес, бидејќи јавноста не може да ги види бројките за тоа во која ИЕ која партија добила најмногу гласови, што досега се нема случено, велат поранешни членови на Комисијата.

Од ДИК вчера се правдаа дека апликацијата за пребројување на гласовите, која им ја изработи компјутерската фирма „Дуна“ функционира беспрекорно, но проблемот бил кај веб страницата, која била халирана од надворешен фактор. Кој и зошто ја урнал се истражува во Секторот за компјутерски криминал при МВР.

Инаку, истовремено кога се урна сајтот на ДИК, проблем со упад имаше и кај македонскиот агрегатор на вести Тајм мк, но за кусо време беше вратен во функција, што не се случај и со страната на ДИК. Таму денеска може да се прочитаат само штури информации околу излезноста на гласачите по временски интервали.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста