Хаосот во здравството го достигнува својот врв, народот веќе ги губи нервите, власта седи со скрстени раце

Пациент со ризично високо ниво на шеќер во крвта и хронично белодробно заболување утрово побарал помош во ординацијата на матичниот лекар Ненад Лазаров, но не успеал да добие термин за преглед кај специјалист. Ова е само еден од бројните пациенти кои секојдневно бараат слободни термин за преглед, контрола и скрининг, за болести и дијагнози кои во време на корона власта ги заборави како да не постојат – но термини во системот нема. Лазаров вели долгиот период во кој стагнираа редовните прегледи допрва ќе удри врз здравјето на граѓаните.

„Еве јас денес имав дијабетичар со 20 гликемија, не постои редовен термин. Со приоритетен термин голема е веројатноста дека воопшто нема да биде прегледан тој пациент бидејќи де факто поприоритетни ќе има од него. Не ги правиме редовните прегледи ни приближно доволно за да скринираме, да случајно наидеме на наод некој, на малигнитет некој, на некое посериозно заболување и тоа страшно ќе се одрази врз нашата работа“, вели доктор Ненад Лазаров.

Лазаров е согласен дека здравството е во колапс и оти тоа и пред пандемијата не функционирало нормално. Вели  граѓаните веќе наталожиле гнев од пандемијата со корона вирусот која трае со месеци, но и од лошите политики на надлежните, но смета оти тоа не смее да биде изговор за се позачестените напади кои се случуваат низ болничките ходници. 

„Доаѓа до акумулирање на нервози и стресови кај луѓето, сите се напнати, веќе почнуваат нашите пациенти сериозно да ги чувствуваат и економските последици на оваа криза. За насили било какво, физичко, психичко или вербално не постои оправдание никакво, постојат институции и треба да се решат работите институционално“, вели тој.

Граѓаните од ден на ден се повеќе револтирани оти здравствениот систем, уште од март месец откако почна корона пандемијата во земјава е ставен единствено во функција на ковид позитивни пациенти. Гневот од лошото менаџирање во здравството го истураат врз здравствените работници. Пред два дена доктор на Токсикологија беше физички нападнат бидејќи пациентот го препратил на друга Клиника. Во Струмица пак, 20-тина мажи насилно извадиле тело на починат пациент оти не сакале тој да биде тестиран за корона.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста