Хаос во Управата за водење матични книги – цела недела нема струја

Темница, исклучени компјутери, затворени шалтери, збунети граѓани. Ваква е сликата деновиве во Управата за водење матични книги. Веќе една недела институцијата нема струја и граѓаните не може да ги добијат потребните документи. По избувнувањето на пожарот во Инспекторатот за животна средина, настанале проблемите.

Секој со својата мака дошол во институцијата во надеж дека ќе заврши работа, но уште на влезот го дочекува вест дека тоа е невозможно. Снимање внатре во просториите не ни беше дозволено, но ни овозможија да видиме што се случува. Имаше само еден вработен, кој на сите граѓани им го повторуваше речиси истото  без разлика дали им треба извод на родени, умрени, пријавување на новороденче   –  „вратете се за неколку дена или онлајн пробајте “.

За повозрасните електронското вадење документи е дополнителна главоболка, а и оние кои се обиделе да го сторат тоа наишле на нефункционален систем.

Младите брачни парови кои имале закажано венчавки не ги враќаат, но свечениот чин се одвива во супстандарни услови. Во просторија без струја, под маски и без венчален лист.

Во зградата каде што се наоѓа Управата за матични книги се сместени уште неколку институции. И тие го имаат истиот проблем со струјата. А од другата страна на зградата,  просториите на Инспекторатот се целосно изгорени.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста